Се договара режим за движење на стоките во регионот


На иницијатива на МНР, шефот на дипломатијата Никола Димитров одржа работен состанок со амбасадорите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Словенија, Србија, Хрватска и на Црна Гора во земјава за меѓусебна координација и договор што ќе овозможи непречен транспорт на стоки во регионот.

Притоа министерот Димитров , кој го водеше состанокот, истакна дека непречениот транспорт на стоки е во интерес на сите држави од регионот и тоа треба да се реализира со минимален ризик по здравјето на сите вклучени во тој процес.

На средбата, се додава, учествуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, генералната секретарка на македонската транспортна асоцијација Макам-транс, Биљана Муратовска, како и претставници од Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на Македонија.

Од страна на амбасадорите, пак, беа презентирани информации во однос на мерките што се преземени во нивните земји и сите се согласија за создавање усогласен режим на движење во овој кризен период, стои во соопштението.