Се доцни со разрешувањето на раководството на М-НАВ, оценува професорот Давитковски


Универзитетскиот професор Борче Давитковски денеска оцени дека во случајот со М-НАВ потфрлија инстуциите кои што се партизирани и кои не одговараат пред Уставот на државата и пред законите, ниту пред граѓаните, туку се во функција да ги поддржуват политичките партии. Според него, Владата доцни со разрешувањето на раководството на М-НАВ.

Во изјава за ТВ Телма, професорот Давитковски вели дека еклатантен пример е токму упадот во М-НАВ каде што се виде дека сите институции потфрлија, почнувајќи од обезбедувањето на М-НАВ, потоа МВР кои требаше веднаш да ги уапсат насилниците, се до Владата која е надлежна за ова акциенерско друштво во државна сопственост.

„Владата требаше веднаш да одржи вонредна седница на која ќе ги разрешеше директорите на М-МАВ, а не да се дозволи дури утредента да држат безвезна прес-конференција на која не кажаа ништо, односно ги бранеа осумте насилници кои што влегоа во институцијата“, вели Давитковски.

Тој предупредува дека за еклатантното кршење на законот може дури и да го изгубиме и небото.

„Фала богу што не се судрија авиони, па цел буџет ќе отидеше да плаќаме материјална штета. Најверојатно Еуроконтрол ќе преземе мерки и санкции против“, изјави за ТВ Телма професорот Давитковски.