Се чисти крајбрежјето на Дојранското Езеро
Општина Дојран почна со чистење на крајбрежјето по должина на шеталиштето во Стар Дојран. Општинските власти информираа дека се отстрануваат бекатон-плочки, камења и друг материјал што се насобирал со текот на годините.
Од Општината велат дека целта е да се ослободи крајбрежјето од непотребниот отпад, да се уреди и дополнително да се посипе со песок, со што ќе се создадат подобри и побезбедни услови за сите посетители.

Како дел од активностите за чистење и уредување на јавните површини, Општината деновиве го уреди и теренот на фудбалското игралиште, каде што се натпреварува тимот „Дојранско Езеро”.
– Со оваа активност создаваме подобри услови за публиката, но и придонесуваме за поуреден и поубав изглед на нашиот спортски терен, велат надлежните.
Сите активности општината ги спроведува со помош на новата механизација за одржување на јавните површини која ја доби неодамна.