Се чека согласност од Грција за да паднат цените на роамингот


Фото: Б. Грданоски

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) до грчките колеги достави предлог и динамика за најавеното намалување на цените во роаминг што, според меморандумот што го потпишаа двете држави, треба да стартува од летната сезона. Во првата година по влегување во сила на меморандумот, според предлогот, цените за пренос на податоци во малопродажба би се намалиле за 93 проценти, на појдовни повици во малопродажба за 77 проценти, а кај СМС за 69 проценти.

Од АЕК изјавија дека од наша страна сме подготвени првичното поевтинување на услугите да почне од 1 јули годинава. Чекаат известување од грчкиот регулатор за електронски комуникации кога од нивна страна ќе бидат завршени националните процедури и ќе се исполнат предусловите за да може да се реализира најавата од потпишувањето на меморандумот на 19 февруари годинава од ресорните министри Никос Папас и Дамјан Манчевски.

Според предлогот на АЕК, од 1 јули малопродажната цена за MB ќе изнесува 0,70 евра, една година подоцна 0,45 евра, а од јули 2021 година  0,20 евра. Процентуалното намалување на цената за појдовни повици во малопродажба, пак, во првата година би било 77 проценти. Појдовен повик од 1 јули треба да чини 0,29 евра, во јули следната година  да се намали на 0,24 евра, а во јули 2021 година 0,19 евра. Цената на испратени СМС-пораки од јули годинава би чинела 0,09 евра, а 0,08 евра, односно 0,06 евра од 2020, односно 2021 година, а за добиените пораки ќе бидат бесплатни. Кај пораките по првата година цените би се намалиле за 69 проценти.

Со меморандумот се предвидува за негова примена да бидат одговорни националните регулаторни тела од двете држави, а намалувањето на цените на роаминг-услугите да биде со динамика и до ниво исто како цените на роаминг- услугите дефинирани во Регулативата за роаминг-услуги на европско ниво.

Земајќи ги предвид сите околности, Агенцијата ги извести колегите од регулаторот за електронски комуникации во Грција дека од наша страна може да се започне со првично намалување на цените на роаминг-услугите, започнувајќи од јули 2019 година. Притоа Агенцијата ги зема предвид минималните рокови пропишани со Законот за електронски комуникации за јавна расправа од 30 дена на одлуката што треба да ја донесе Агенцијата за намалување на цените на роаминг-услугите, како и времето неопходно за да се направат измени на Законот за електронски комуникации, со цел да се даде надлежност на Агенцијата да донесе ваква одлука, велат од АЕК.

На нивниот предлог и динамика за примена на меморандумот, колегите од регулаторот во Грција ги известиле дека меморандумот сè уште не е влезен во сила и оти сè уште од нивна страна не се завршени сите национални процедури за да може да стартува примената. Им најавиле дека ќе ги известат најбргу што може откако ќе се создадат неопходните предуслови.

Согласно со Спогодбата за укинување на роамингот во Западен Балкан, потпишана помеѓу државава, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово, од 1 јули годинава до јуни 2021, кога цените за роаминг-услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој операторите за роаминг-услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени.

Тој дополнителен надомест не може да биде поголем од околу три денари (0,05 евра) за роаминг појдовни повици. Додека, пак, малопродажната цена за влезните роаминг-повици ќе биде околу 2,5 денари во првата година, започнувајќи од 1 јули годинава, односно околу 1,5 денари во втората година, започнувајќи од 1 јули 2020 година. Слични намалувања на роаминг-услугите се очекува и за СМС-пораките, со тоа што излезните СМС-пораки нема да бидат поскапи од 3,7 денари, додека влезните СМС-пораки ќе бидат бесплатни.

Ваквата спогодба ќе придонесе за намалување на цените за роаминг-повици во просек од 50 до 70  проценти уште во првата година од нејзиното имплементирање, споредено со сегашните цени на регулираните малопродажни роаминг-повици со четирите земји потписнички на Спогодбата за намалување на роаминг-услуги од септември 2014 во Будва.