Се чека почеток на собраниската седница за Предлог – законот за Јавно обвинителство


По целодневно натегање, партиски пазарења и неизвесност околу обезбедување на неопходното двотретинско мнозинство, конечно вечерва за 21 часот, беше закажана собраниската седница на која на дневен ред се Предлог-законот за Јавно обвинителство и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители. И покрај тоа што дел од пратениците почнаа да влегуваат со собраниската сала, седницата до овој момент се уште не е почната.

Претходно се зборуваше дека седницата ќе почне во 15 часот, но немаше никаква официјална потврда за тоа. Законите за Јавно обвинителство и за совет за јавни обвинители се носат по скратена постапка. Тие вчера беа разгледувани од Комисијата за европски прашања и Законодавно-правната комисија.

Одложувањето на свикувањето на седницата укажува дека имам проблеми во обезбедување на двотретинското мнозинство, но и дека цајтнотот во кој што се најде донесувањето на законот за ЈО, пред распуштањето на овој собрансики состав, бил користен за дополнителни политички барања. Според партиски извори, ДУИ побарало измени и во Изборниот законик, односно менување на границите на Изборната единица 6.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои по вчерашната седница на нивниот Извршен одбор, одлучија да не го напуштат Собранието, и натаму остануваат на ставот предлог законот за ЈО да биде подготвен од експерти, пред да биде ставен на гласање на собраниска седница.

Според претходните изјави на претседателот на Собранието Талат Џафери, крајниот рок за распуштање на Собранието е недела, за да може да се запазат роковите за одржување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април.

Законот за јавното обвинителство официјално не е услов за почнување преговори со ЕУ, но високи европски претставници во повеќе наврати нагласија дека е добро да се донесе што ќе биде позитивен сигнал во пресрет на претстојните одлуки за европерспективите на земјата од страна на ЕУ.