Се буди ли инфлацијата – што предвидува Народната банка и како ќе нѐ штити од ценовен шок
Ценовната стабилност е примарна цел на централната банка. И секако дека на располагање имаме голем инструментариум кој што ќе го користиме за да се задржи инфлацијата на умерено ниво, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска
Народната банка во најновите макроекономски прогнози што ги презентираше денес предвиде инфлација од 2,2 отсто годинава, што е значајно зголемување во однос на октомври минатата година кога нејзината процена беше 1,5 отсто. Само во април годинава цените се зголемиле за 2,7 отсто на годишно ниво, малку под очекувањата на централнта банка кои биле 2,8 отсто. Дали ова навестува дека баукот на инфлацијата може да се врати и да удри врз и онака разнишаниот стандард на граѓаните?
Од Народната банка смируваат и велат дека будно ги следат состојбите и движењата, порастот на цените во април е во рамки на нивните очекувања, како и дека не гледаат простор за некое поголемо отстапување.
„Но, би потенцирала – ценовната стабилност е примарна цел, основна цел на централната банка. И секако дека на располагање имаме голем инструментариум кој што ќе го користиме соодветно за да се задржи инфлацијата на умерено ниво бидејќи сметаме дека тоа е клучниот придонес кој што може да го даде централната банка за економскиот раст“, изјави денес гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска на прес конференцијата посветена на најновите макроекономски прогнози.
Граѓаните се загрижени. Секој ден се шокираат од нови и повисоки цени во продавниците, особено на храната. Тоа го покажуваат и податоците за синдикалната кошница со која се пресметуваат минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство и која во април е зголемена за 204 денари во однос на март. Ваквото зголемување е резултат на евидентното зголемување на трошоците за живот во април и тоа на храната и пијалоците за 1,2 проценти, хигиената за 1,1 процент и на облеката за еден процент, соопштија од Сојузот на синдикатите на Македонија. Пресметките на синдикатот покажуваат дека вредноста на синдикалната кошница во април изнесувала 33.976 денари од кои најмногу или 14.332 денари се потребни за храна и пијалоци и 10.809 за комуналии. Остатокот е за превоз, хигиена, облека и обувки… За да се покријат месечните трошоци, на едно четиричлено семејство му недостасуваат 3.596, пресметаа од ССМ.
Од Народна банка велат дека инфлацијата годинава нема да отстапува многу од повеќегодишниот просек кој за нашата земја е околу два отсто годишно. Односно, оваа година се очекува просечен ценовен раст од 2,2 отсто, а за наредната два отсто.
„Ако зборуваме кои компоненти би притискале за овој ценовен раст, секако тука влегува храната. Тоа е една од најглавните компоненти и е во линија со очекуваниот раст на цените на храната на светските берзи, а ние сме нето увозник на храна. Втората компонента е енергијата, каде што се очекува голем раст на цените на енергенсите, а особено на нафтата. Ако ја гледаме, пак, структурата на инфлацискиот индекс кај нас, со што се состои тој, ќе се види дека на храната и на енергијата отпаѓаат околу 50 проценти. Значи, промените во овие два сегменти значајно можат да влијаат на ценовната динамика“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што објаснуваат од централната банка, порастот на цените не е генериран од домашни фактори, туку пред се од надвор.
Во презентацијата, гувернерката Ангеловска Бежоска посочи дека повисокиот глобален раст заедно со одредени ограничувања на страна на понудата, односно производството, се предвидува да резултира со повисок ценовен раст и тоа пред се кај примарните производи. Странската ефективна инфлација и се очекува да остане умерена на 1,4 проценти годинава и 1,7 проценти во просек за наредните две години, што е речиси без промена во однос на октомвриските проекции.
„Кај нафтата, по падот од 35 проценти изминатата година, сега се очекува раст од околу 38 проценти, а потоа повторно умерен пад наредната година. Слична ценовна динамика се очекува и кај останатите енергенси, кај храната и кај металите. Општо земено, оваа упатува на умерено поголеми притисоци врз инфлацијата и увозот оваа година, а помали притисоци наредната година, но и поповолна ценовна конјуктура за извозот, особено во делот на металната индустрија“, рече Ангеловска Бежоска.
Одговарајќи на новинарски прашања таа рече дека умерената нагорна ревизија за инфлацијаата кај нас годинава, не е заради значајно зголемената побарувачка. Според процените на НБ економијата кај нас ќе закрепнува, но побавно (годинава се очекува раст на БДП од 3,9 отсто, а идната година 4 отсто) и економијата нема да се врати веднаш на предкризното ниво, па оттаму и не се очекуваат значајни притисоци врз инфлацијата од побарувачката.
„Она што ќе ја движи инфлацијата се всушност фактори на страна на понудата. Односно, поинаку кажано, со оглед на структурата на нашата економија – тоа се увезените цени“, истакна гувернерката, додавајќи дека се мисли на цените на енергенсите и на храната.
„Ние секако дека будно ги следиме инфлациските движења и со првите четири месеци од оваа година инфлацијата во просек изнесува 2,2 проценти. Ако ги гледаме компонентите кои што придонесуваат за нејзиниот раст се гледа дека во основа тоа се храната, за што ги проверуваме компонентите и движењаата на светските берзи на одредени продукти, и вториот позначаен фактор се енергенсите, вели Ангеловска Бежоска.
Народната банка во макроекономските проекции предвиде и алтернативно, понеповолно сценарио во однос на растот на БДП, според кое економијата би растела со стапка од 2,9 отсто, односно еден процентен поен помалку во однос на базичното сценарио. Како тоа би влијаело врз инфлацијата?
Ангеловска Бежоска вели дека базичното сценарио претпоставува солиден раст на странската побарувачка.
„Ние сме мала и отворена економија и за нас е клучно што се случува во надворешното опкружување“, вели таа, додавајќи дека за сега, во надворешното опкружување се очекува солиден глобален раст и солиден раст на нашите трговски партнери.
„Сепак, ние одевме и попрудентно, претпоставивме дека растот на нашите најзначајни трговски партнери ќе биде и помал од очекуваниот што ќе значи и помала странска ефективна побарувачка за извозот на наши стоки и услуги. Тоа би значело и дека сентиментот на инвеститорите ќе се влоши и ќе очекуваме помалку дознаки и помалку странски директни инвестиции. Генерално, тоа се главните канали преку кои што ние очекуваме дека би биле погодени“, вели Ангеловска Бежоска.
Врзувајќи ги логично овие состојби, ако би имале помала побарувачка и помал раст, во таква ситуација по каналот на помала побарувачка треба да се очекува и помала инфлација, додава таа.
Така, според алтернативното, понеповолно сценарио за економскиот раст оваа година, инфлацијата би била два проценти наспроти 2,2 отсто во базичното сценарио, а за наредната година наместо два отсто, би иззнесувала 1,8 отсто. (М.Ј.)