Се бара зголемување на блок дотациите за училиштата за наставата да не биде онлајн


Фото: Б. Богдановска

Градоначалниците од неколку општини се отворено против затворање на училиштата и воведување онлајн настава за учениците поради енергетската криза, по дискусиите во јавноста дека најдобро би било зимскиот распуст да трае два месеца, а летниот еден и во студените месеци училиштата да работат онлајн со цел да се заштеди енергија за топлење и за осветлување.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во објава на фејспбук пишува „категорично сум против затворање на училиштата“.

– Наставата со физичко присуство е единствена форма на оддржување настава која ќе содаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование. Ова мое тврдење се потврдува и со искуството кое го стекнавме за време на пандемијата кога се реализираше онлајн настава во Македонија која не даде задоволителни резултати. Покрај ова секојдневно бевме сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа оддржување на настава и со денови. Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување на онлајн настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава? И што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци? Понатаму, особено е тешко за учениците од пониските одделенија – вели Стефковски.

Смета дека Владата треба итно и недоложно преку Министерството за образование и наука да обезбеди зголемување на блок дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, но да се размислува и на определување на дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики, но секако тие на крајот да не влијаат на реализирање на годишната програма.

И градоначалникот на Општина Аеродром е на слично мислење, дека неопходно е наставатада се одвива со физичко присуство. Вели дека Општината Аеродром ќе го обезбеди тоа.

– Општината Аеродром ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес. Вклучително и преземање на целиот товар кој ќе преоизлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт биде наложено – соопштија од Општината.

Потсетија дека Општина Аеродром веќе презема сериозни мерки за штедење електрична енергија. Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади.

Уште пред самиот старт на учебната година, министерот за образование, Јетон Шаќири изјави дека во Министерството за образование и наука е формирана работна група која во однос на прашањето за затоплувањето на училиштата е во координација со министерствата за економија и за финансии и со други надлежни институции.

– Очекувам ние да имаме отворени училишта, добро да соработуваме, централната власт со локалните самоуправи, добро да ги менаџираме училиштата и најважното тие да ни бидат отворени, изјави Шаќири на прес-конференција, на само еден ден пред стартот на новата учебна година.