Се бара закон за онлајн обложување

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) бара од Владата да ја преточи уредбата за онлајн обложување, која истекува утре, во законско решение или друг правен механизам за да се овозможи македонските лиценцирани спортски обложувалници да продолжат да ја вршат услугата.

– Со прекин на уредбата се гасат сервисите на домашните лиценцирани обложувалници, а државата ризикува да изгуби неколку стотици милиони денари на годишно ниво, средства кои, во услови на сериозна глобална економска дестабилизација заради Ковид-19 пандемијата, имаат значаен придонес во државната економија, истакна претседателот на АСОМ, Васко Илиески.

Тој нагласи дека поради немање подзаконски акти во постојниот Законот за игри на среќа, никој нема да може нив да ги приредува, вклучително и Државната видеолотарија.

– Без таквите акти никој не може да ги добие потребните дозволи или лиценци без кои не може да се организираат интернет игри на среќа. Но, се сомневаме дека Државната видеолотарија тоа нема да го почитува, вели Илиевски.

Тој рече дека Државната видеолотарија во периодот на пандемија работела според постоечкиот закон и не ја применувала уредбата како што треба.

– Сето ова отвора сомневање за селективен пристап кон различните категории на приредувачи на игри на среќа и привилегирана положба на некои субјекти, вели претседателот на АСОМ.

Илиевски потенцира дека кај нас онлајн обложувањето е на почеток и оти играчите полека почнале да стекнуваат навика да ги користат услугите на домашните приредувачи на интернет игри на среќа.

– Тоа, перспективно, би значело многу поголеми средства за државата само од оваа услуга, потенцира Илиевски.

Тој смета дека ако не се најде законско решение, обложувалниците ќе ја изгубат довербата од играчите, кои повторно ќе се вратат на странските интернет страници.

– Несфатливо е како, во услови на економска нестабилност од пандемијата, државата не ја гледа вредноста која во буџетот ја донесе онлајн обложувањето, од една страна, а од друга, придобивките во борба со здравствената криза, бидејќи онлајн обложувањето им овозможуваше на играчите да ги уплатат тикетите онлајн без физичко присуство, вели Илиевски.

Претседателот на АСОМ потенцира дека само од онлајн обложувањето во буџетот се слеале околу сто милиони денари.