Се бара деновите од 4 до 20 април да бидат неработни


Фото: Б. Грданоски

Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското здружение за заштита при работа денеска испратиле предлог до Владата деновите од 4 до 20 април да бидат неработни.Причината за ваквиот предлог, како што наведуваат во денешното соопштение, се предвидувањата дека пикот на пандемијата ќе биде кон средината на април, а во тој период има големи верски празници како што е Католички Велигден на 12 април, Православниот Велигден на 19 април. – Оттука претпоставките се дека заразата може да се рашири многу повеќе од очекуваното, велат од КСС.

Платите за дневници за вработените во тој период би биле на товар на Владата, а фирмите што се уште се ликвидни тој товар би го понеле сами во знак на солидарност.

– До овој момент поддршка на платформата дадоа: Унијата на незавнисни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), Бизнис конфедерација на Македонија (БКМ), Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Хелсиншки комитет за човекови права, а воедно најавија и повеќе невладини организации и граѓански здруженија од кои некои во моментот остваруваат и тековни состаноци и ќе се произнесат подоцна, се наведува во соопштението.

Предлагаат Владата да апелира до верските заедници да упатат повик до граѓаните претстојните верски празници да ги поминат во домашна атмосфера со своите семејства.