Се бара да се повлече обвинението за Јанакиески во „Насилство во Центар“


Фото: Б. Грданоски

ОЈО да го повлече обвинението пред судот да донесе ослободителна пресуда за обвинетиот Миле Јанакиески во случајот „Насилство во Центар“, побара денеска при изнесувањето на завршните зборови неговиот адвокат Димитар Дангов.

– Делото за кое е обвинет Миле Јанакиески не е кривично дело според Законот. Во обвинителниот акт нема ниту еден доказ за тоа дека тој сторил некакво кривично дело – рече адвокатот Дангов.

Тој смета дека обвинителството со ниту еден свој чекор и постапка не докажало вина за неговиот обвинет клиент.

Дангов рече ако тоа не го стори обвинителството, предложи судот да донесе ослободителна или одбивателна пресуда.

Дангов нагласи дека иако судот не прифатил да го сослуша владиката Агатангел, неговата изјава дадена за медиумите била да не се урива црквата.

-Дали повикот на Агатангел требаше да содржи молби за одење во црква и со палење свеќи да се очекува да не се промени Деталниот урбанистички план со кој треба да се урне црквата во Центар, рече во својот завршен збор адвокатот Дангов.

Дангов, своите барања ги поткрепи и со навраќање на веќе завршениот случај со исто така обвинетиот Томислав Лазаров, за кого рече дека според неговото обвинение тој би требало да биде ослободен, а не да признае вина.

Дангов објасни и за вештачењето на вештакот од Србија на кого му биле дадени копии од разговорот меѓу Јанакиески и Груевски, а при тоа немал ни лиценца за вршење на оваа дејност во Македонија.

– Ако нема оригинална снимка како доказ тоа е проблем на обвинителството а не на одбраната. Копија е копија но тоа не е доказ за судот, потсети Дангов.

Обвинети во предметот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, Даниела Рангелова, Борче Богдановски, Милан Андоновски, Александар Трајковски и уште неколкумина. Според Обвинението, тие се товарат за поттикнување на насилството на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.