Се анализира кога може да почнат со работа градинките


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче  не може точно да каже кога би можеле да почнат со работа градинките, но информира дека на неделна основа се анализираат податоците, бројките, а во Владата ќе се разговара и за тоа, како и за ослободување на мерките на рестрикција што важат за добар дел од економските оператори, што се затворени и за кои има протоколи соодветни и тие можат да почнат да работат.

– Тоа е нешто што ќе биде соопштено следните неколку денови согласно состаноците со голем број здруженија и асоцијации што ги имавме и во текот на минатата недела, изјави министерот Филипче, прашан од новинарите дали има некаква проекција, кој е најкусиот период кога би можеле да се отворат градинките дали за една недела, десет дена.

Мајките односно родителите на деца до 10 години се ослободени од работа, нагласи тој и изрази уверување дека може да се реши административниот проблем, како што рече, во однос на градинките за родители кои реагираат – мајки на кои породилното им завршило пред да се воведе вонредната состојба, не ги запишале децата во градинка и не можат да земат потврда и мораат да одат на работа.

– За ова неколку пати разговараме уште на почетокот на кризата затоа што уште тогаш имаше родители кои имаа ваков пример, така што административните служби во градинките и во останатите институции кои не функционираат, работат. Тоа беше случај и за уписот за следната година. Така што не би требало да претставува проблем и за ова можам да го консултирам МИОА дали се работи за нешто што е проблем на терен или е некакво недорабирање, истакна министерот Филипче.

Министерот за здравство претходно уште еднаш повтори дека засега градинките нема да бидат отворени за примање дечиња.

– Градинките се уште не може да ги отвориме, бидејќи сакаме да ги заштитиме децата. Училишната година заврши, апелирам до родителите, да им укажат дека треба да носат маски и да не се групираат, иако младите поретко заболуваат и се најчесто асомптиматски но ја шират заразата, рече Филипче.