СДСМ: Зошто Мицкоски пак намерно лаже – сега за тестовите


Владејачката партија вечерва реагираше на тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека државата останала без тестови и го обвини дека шири „лажни вести и неоснована паника“. Во интервју за Канал 5 тој рече дека во залиха имало само 100 тестови за корона вирусот.

„Целата држава, институциите, граѓаните, службениците, сите бескомпромисно се борат против коронавирусот, само фрустрираниот Христијан Мицкоски очајни шири лажни вести и неоснована паника.

Со таквото однесување, со свесното ширење лажни вести, Мицкоски е опасен по здравјето на граѓаните“, пишува СДСМ во реакцијата.

Од партијата тврдат дека според податоците од Министерството за здравство само во Институтот за јавно здравје има 4.500 тестови, а дополнителни количества има и во приватни клиники. Со првичната набавка залихата неделно се надополнува со по 2.000 теста.

Остра реакција имаше и од Министерството за здравство.

„Не навлегувајќи во причините за ширењето на такви информации, Министерството за здравство упатува апел да не се шири паника со пласирање на непроверени и лажни информации и уште еднаш истакнува дека тестови за утврдување на присуство на корона вирусот има доволно за да ги задоволат потребите на нашата земја. Во моментот Институтот за јавно здравје располага со 4.500 тестови. Во секој момент очекуваме да стигне донација од 20.000 китови за тестирање и имаме дополнителни 5.000 теста донација од приватна лабораторија во Скопје, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја“,

Досега, посочуваат здравствените власти, се извршени вкупно 4.506 тестирања, а со вклучувањето на повеќе лаборатории за тестирање, бројот на тестирања дневно е помеѓу 350–390. Тестирањето е во лабораториите на Институтот за јавно здравје, Ветеринарниот факултет, „Биотек“, Клиниката „Жан Митрев“ и „Авицена“.