СДСМ: Згрозениот Мицкоски да побара оставки од сите докажани криминалци од ВМРО-ДПМНЕ


СДСМ побара од „згрозениот“ Мицкоски да си побара оставки и одговорност од сите докажани криминалци од ВМРО-ДПМНЕ.

-Дали Христијан Мицкоски денеска е згрозен од пресудите за предметите кои го потврдуваат криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, како што се Титаник, Тврдина, Таргет, Тенк, но и многу други?

Предизвикува ли нешто кај Мицкоски фактот што голем дел од неговите сегашни или поранешни соработници од ВМРО-ДПМНЕ се осудени криминалци, со судски затворски пресуди или секојдневно се пред судовите за случаите што се водат против нив? Дел од нив се актуелни пратеници, како Антонио Милошоски и Игор Јанушев но има и многу други. Впрочем Христијан Мицкоски бил советник и соработник дури и со Никола Груевски, осуден криминалец во бегство. Згрозениот Мицкоски наместо да ги штити нив, наместо да штити криминал, треба да побара оставки и одговорност од сите нив, стои во реакцијата на СДСМ по обвинувањата од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со аферата со генералниот секретар Мухамед Зекири кој од вчера е во притвор во Шутка. 

-По Рашковски, најдобриот другар на Заев и кумашинот Мухамед Зекири фатен во криминал. Заедничкото за овие двајца освен што се луѓе од доверба на Заев, беа и генерални секретари на владите на заевизмот. Веројатно шемата е иста, преку матни зделки милиони народни пари да се одлеваат во приватни џебови. Еден Рашковски заменет со друг Зекири и двајцата фатени во апашлук, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако Рашковски правел криминогени далавери со софтвер кој сам на себе си го продаваше со народни пари, сега во случајот со Зекири е правена студија за продажба на Македонска пошта во износ од близу милион евра, без да има тендер. Додека Македонска пошта има нередовни плати, Зекири направил милионска зделка и ја доделил на негови партнери од Хрватска, а за возврат добиваат “семинарски труд“. Како и Рашковски, така и Зекири ова не го правеле на своја рака, туку зад ова седи ликот кој е капо ди тути капи на мафијата. Ете затоа народот осиромашува, а елитата на власт од СДСМ и ДУИ продуцира милионери од обични голтари.

Следниот пат кога владата на СДСМ и ДУИ ќе убедуваат дека нема пари за поголеми плати на наставниците и дека тоа ќе предизвика инфлација, нека одговорат како милиони евра завршуваат на софтвери, студии, матни зделки и набавки“, се вели во соопштението.