СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ: Лага е дека не се консултирани за пописот


Лага е дека опозицијата не е консултирана, пописот ќе се спроведе согласно меѓународните стандарди,реагираа од СДСМ на изјавите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој најави дека е можно оваа партија да не ги признае резултатите ако не биде вклучена од самиот почеток во пописот.

-Како и многупати досега, ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно секогаш кога се работи за проекти важни за граѓаните и државата. ВМРО-ДПМНЕ не сака да се одржи попис. ВМРО-ДПМНЕ е против пописот. Лага е дека опозициската партија не е консултирана. Истовремено, постои можност пратениците од ВМРО-ДПМНЕ низ собраниската процедура да поднесе амандмани и истите да ги аргументираат во јавноста.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ цело време го кочи пописот исто како и кога беше власт, кога заради нивната неспособност пропадна пописот во 2011 година и кога напразно се потрошија три милиони евра народни пари. Република Северна Македонија конечно ќе добие попис според меѓународните прописи и стандарди на ЕВРОСТАТ,а  ВМРО-ДПМНЕ и губитникот Мицкоски нема да успеат да ја спречат оваа статистичка операција која е важна за државата и граѓаните, порачаа од СДСМ.