СДСМ за препораките на историчарите: Паднаа во вода лагите на ВМРО-ДПМНЕ
Со усвоените препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, порача денес СДСМ по брифингот на историчарите во МНР.
-Денеска стана јасно дека во тие препораки нема ништо спорно, нема ништо затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата, нема историја по бугарски терк, како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Усвоените препораки за одредени учебници во основното образование се на база на реципроцитет и истите ќе бидат доставени и до македонската, но и до бугарската влада. Ова се препораки усвоени од стручна и независна комисија без какви било политички влијанија.Заедничкото чествување на историските личности како светите браќа Кирил и Методиј, Наум и Климент Охридски како и Цар Самоил дополнително ќе ја зајакне одговорноста на двете држави во зачувувањето на сеќавањето на овие личности.Сето ова ги демантира грубите лаги на ВМРО-ДПМНЕ кои се месеци ги вознемируваа граѓаните и се обидуваа да создадат нови поделби.Уште еднаш се виде дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да го нарушат процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија. Тоа е антидржавничко, неодговорно, несериозно постапување на дело.
Христијан Мицкоски е наследник на Иван Ванчо Михајлов, затоа што и тој и раководството на ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на континуитетот, а во тој континуитет се и Ванчо Михајлов и Тодор Александров.За разлика од таквиот однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ продолжува да бара решенија за отворените прашања, при тоа заштитувајќи ги македонскиот идентитет, македонската историја и самобитност“, стои во реакцијата на владеечката партија.