СДСМ за договорот со „Бехтел и Енка“: Го нарекоа историски криминал, а сега ќе го спроведуваат


Од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (Фото: Б. Грданоски)

СДСМ со обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ околу договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10Д. Од опозицијата велат дека и покрај обвинувањата од страна на ВМРО за договорот, сега истиот ќе биде реализиран, како што најави министерот за транспорт, Александар Николоски.

„Христијан Мицкоски велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал. Во бројни изјави, речиси хистерично ВМРО-ДПМНЕ велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е штетен и дека е пљачка на народот. Денеска Александар Николовски се тоа го фрли во вода, пу пу не важи. Од денеска е се различно.Од денеска ВМРО-ДПМНЕ и Владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот Договор со Бехтел и Енка“, реагираат од СДСМ.

Претходно министерот за транспорт Александар Николоски најави дека договорот нема да се прекинува, а нема ни да се објави ако „Бехтел и Енка“ не дадат дозвола за тоа.

„Договорот е класифициран како државна тајна, што создаде магла околу него. Сметам дека треба тој да се декласифицира. Потребна е согласност од двете страни за тоа да се направи. Во раките на договорот, Македонија може да добие многу повеќе километри автопат од тоа што е потпишано и тоа ќе биде нашата главна битка“, изјави Николоски по трибината во Скопје – „Развојот како услов за опстанок на македонското градежништво“.

Испаѓа дека со нова „магла“ се расчистува старата и дека уште малку ќе се драматизира договорот и ќе се тврди дека е добиена некоја отстапка, пред да се плати првата транша за автопатите од новата влада. Со иста реторика настапи и Билал Касами од Вреди. Тој во  „Дејли Клик“ на ТВ21 изјави дека разговорите со компанијата „Бехтел и Енка“ одат во вистинска насока и дека очекува изградбата на Коридорот 8 да продолжи. Според него, актуелниот министер за транспорт, Александар Николовски и директорот на сегашната НП „Државни патишта“, Коце Трајановски, ќе дадат дополнителни информации за овој проект, а најверојатно поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на НП „Државни патишта“ треба да сносат одговорноста за активностите поврзани со него.

„И во однос на Коридорот 8 гарантираме дека сите разговори со „Бехтел и Енка“ одат кон решавање на сите проблеми, дека динамиката на реализација на работите на терен е според договореното, бидејќи она што претходно го кажавме, ја алармираше јавноста“, изјави Касами.