СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ и во анкетата на НДИ


Владејачката СДСМ има предност од 3,3 отсто во однос на ВМРО-ДПМНЕ во анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) што е објавена денеска. За СДСМ би гласале 22,9 проценти, а за ВМРО-ДПМНЕ 19,6 отсто од гласачите. Понатаму, за ДУИ се изјасниле 7,2 отсто, за коалицијата на Алијансата за Албанците и Алетернатива 5,8 отсто, Беса и Левица би освоиле по 1,7 отсто, додека другите партии се под еден процент. Анкетата е направена од 26 февруари до 5 март од страна на Тим институтот на примерок од 1.212 испитаници според принципот теренски разговор лице в лице. Маргината на грешка е +/- 2,81 проценти.

Во прилично обемната анкета има многу прашања за целиот контекст во државата. Интересно е што за прв пат по подолго време бројот на испитаниците Македонци подеднакво го поделиле својот глас за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: и за двете партии би гласале по 28 отсто од гласачите. Процентот на Албанците кои би гласале за СДСМ е четири, а за ВМРО-ДПМНЕ 0,3. Има голема разлика и кај сите други етнички заедници – за СДСМ би гласале 35 отсто од нив, додека за ВМРО-ДПМНЕ само 13.

За лидерот на СДСМ, Зоран Заев, има многу понаклонета перцепција отколку за неговиот ривал Христијан Мицкоски. Така, на Заев благонаклонето или донекаде благонаклонето гледаат 44 отсто од испитаниците, додека за Мицкоски тој процент е 25. Од другата, неблагонаклонетата страна, процентот за Заев е 49, додека за Мицкоски – 64.

Интересно е што поддршката за Преспанскиот договор е поголема од не-поддршката. Со него се согласуваат 32,1 од испитаниците, додека против се 31,2. Еден голем процент од 26,2 отсто велат дека не им се допаѓа Преспанскиот договор, но дека бил неопходен. Македонците се доминантно против него (48 отсто наспроти 17 отсто, но исто така големи 31 проценти веруваат дека бил неопходен иако не им се допаѓал). (Н.В.)