СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ и во анкетата на „Брима“


Пред влегувањето на последната недела од кампањата анкетата на агенцијата „Брима“ покажува дека разликата во рејтинзите меѓу двата најголеми политички блока, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, останува иста – со предност на социјалдемократите. Според оваа анкета, што ја објави „А1он“, за СДСМ се изјасниле 18,7 отсто од гласачите, а за ВМРО-ДПМНЕ 15,1 отсто. Ова разлика од 3,6 отсто е иста како и во претходната анкета на НДИ, но „Брима“ посебно ја оценувала и наклоноста кон коалицискиот партнер на СДСМ, Беса, а за неа се изјасниле 2,6 проценти од гласачите. Така, СДСМ и Беса заедно имаат предност од 7,2 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа анкета покажува дека ДУИ сериозно се оддалечува од Алијансата за Албанците: 8,2 наспроти 4,2 отсто. Од другите партии што се појавуваат во анкетата се: Интегра со 1,3 отсто, Левица со 1,2  и ДПА со 0,6 проценти. Во анкетата на „Брима“, неодлучни се 11,2 отсто, а одбиле да одговорат 9,3 отсто. Дури 16,1 отсто уште сега се решени  дека нема да гласаат. Од анкетираните, 41 отсто рекле дека сигурно ќе гласаат, а 18,3 проценти дека нема да излезат на изборите.

„Брима“ ја истражувала и довербата кон политичарите, а таму најголема доверба има Зоран Заев со 9,4 отсто, а по него следат Христијан Мицкоски со 4,2, Венко Филипче со 3,8 и Стево Пендаровски со 3,5 отсто. Интересно е што лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, има поголем личен рејтинг од Али Ахмети – 2,9 наспроти 2,8 отсто, додека неговата партија заостанува зад ДУИ. На листата се појавува и Димитар Апасиев со 1,1 отсто поддршка. Огромен процент – 48,9 отсто не верува во ниту еден политичар.