СДСМ: ВМРО – ДПМНЕ призна пад на довербата од 40 отсто


СДСМ пресмета дека рејтингот на владеечката партија ВМРО-ДПМНЕ паднал за 40 отсто врз основа на анкетите што самите си ги објавија.
 
„Агенција платена 400.000 евра да направи истражување. Прво објавија рејтинг од 19,3 проценти за ВМРО-ОКГ. Од околу 32 проценти на изборите, сега на 19%. Тоа е пад од преку 40 проценти на довербата од сопствените гласачи. Не ги објавија точните бројки за СДСМ. Морале да штелуваат. Не ги објавија затоа што СДСМ ја враќа довербата на народот.
 
Народот ги виде сите лаги пласирани и преку медиумите Орбан-Вучиќ што со години ги носеа. Трета економија во Европа. Први во туризам. Лидери во авиосообраќај. Пензии 16 пати поголеми. Потоа друга анкета. Од истата агенција дека 57,5 проценти од граѓаните биле задоволни од квалитетот на живот. Прославата на 35 години независност, 41,2 проценти имале позитивен став. Значи народот бил задоволен што за Гета платиле 5,53 милиони евра.
 
Тоа е доказот за добар живот? Нема пари за земјоделците. Нема пари за студентите. Нема за работниците. Има за Гета и за провизија. Луѓето немаат пари. Владата не дава минимална плата од 600 евра. Арамијата најавува просек од 1.000 евра. Сè бајки. Две минимални не ја покриваат ниту скратената владина кошничка. Со кирија, синдикалната кошничка оди над 90.000 денари. Горивото е до плафон и македонските граѓаните можат најмалку да купат од целиот регион. 
 
Втор ребаланс за четири месеци се прави, трет во најава затоа што има огромна дупка во буџетот. За пензии фалат околу една милијарда евра. Вториот пензиски столб е пред национализација. Во буџетот фалат 900 милиони евра. Долгот е зголемен за околу 4 милијарди за две години. Нови 250 милиони задолжувања за до крајот на годината. Тоа е релноста.
 
Во истата анкета, прашање за кампањата по рецепт на Ванчо Михајлов – “талог”. Прашуваат дали на народот му се допаѓа што го викаат талог. Анкетата вели 41 процент од граѓаните сакаат да ги викаат талог. Дали некој некогаш видел ваква анкета? Прво призна пад од 40%. Потоа рекоа дека народот сака да плаќа за Гета и провизија на арамијата. На крај дека народот сака да го викаат талог. Мицкоски и бандата повеќе не знаат што прават. 
 
Економијата е во колапс. Од ходник дипломатија – земја е изолирана. Целосно незадоволство кај народот. Нека граѓаните сами ја оценат оваа анкета. Мицкоски го поддржа Орбан за изборите. И неговиот ментор исто така објавуваше анкети. Видовме како помина, оценуваат од СДСМ.