СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ дели дозволи за движење во карантин на своите функционери


Откако два дена ВМРО-ДПМНЕ го прозива градоначалникот Петре Шилегов затоа што во време на карантинот во Скопје тој престојувал во својата вила во Маврово, СДСМ го возврати ударот. Според владеечката партија, освен лидерот Христојан Мицкоски, кој  презентира самоволие и непочитување на мерките, исто однесување си дозволил и портпролот на партијата Димче Арсовски.

-Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во време на полициски час поточно во 22 часот, спротивно на сите забрани, решава да се враќа од Струмица за Скопје. Притоа, бил запрен од полициска патрола која му побарала дозвола за движење. Сведоштва говорат за тоа дека Арсовски бурно реагирал на барањето на полицискиот службеник кој си ја вршел својата должност. Работата ескалирала дотаму, што од страна на Арсовски биле упатени закани кон полициските службеници. Ако имал дозвола, тогаш кој му ја издал дозволата за движење на целата територија на државата? Ако тоа е партијата, дали можеби ВМРО-ДПМНЕ дели дозволи на сите свои функционери, за да можат да се шетаат каде ќе посакаат, додека огромен број на граѓани седат дома почитувајќи ја забраната за движење? За каков професионален ангажман во недела во 22 часот зборува Арсовски? – стои во реакцијата на СДСМ.

Во тие обвинувања кој повеќе не ги почитува мерките околу епидемијата, ВМРО-ДПМНЕ пак и денес, третти ден, го праша Шилегов зошто како одговорен на градскиот кризен штаб и како прв човек во градот не ја споделувал маката на граѓаните кои во Скопје останаа три дена затворени. Според нив, ваквиот потег покренува и кривична одговорност, а како знак на морална одговорност, го повикаа да си даде оставка.Од ВМРО-ДПМНЕ исто така велат дека, доколку Зоран Заев и неговите функционери беа совесни немаше пола раководство да биде инфицирано.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денес порача дека нема никаква службена белешка за полициската средба со Арсовски ниту пак тој се пожалил колу неа, со забелешка дека бројот на издадени дозволи за слободно движење во време на карантин е огромен.