СДСМ: Власта испумпува пари на граѓаните во роднински џепови
СДСМ денес на прес конференција објави, според нив, голем роднинско-корупциски скандал поврзан со работата на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
-Тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка.
Еве ја целата шема, како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на роднините на функционерите од ДПМНЕ:
СОЗР, орган во рамки на Владата склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш, компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.
Регистрирана е подружница во Охрид и за нејзин раководител е избран токму роднината на Томовски, Власе Танаскоски.Адресата на подружницата се совпаѓа со седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик е уште еден близок роднина на истиот функционер.
Ова е класичен пример за злоупотреба на функцијата и директен конфликт на интереси.
Владата на ДПМНЕ овозможува коруптивни шеми за лични интереси на функционерите од власта.Ова е синдром на еден коруптивен систем на ДПМНЕ кој работи за испумпување на парите на граѓаните, само за богатење на мал круг луѓе блиски до власта. Со вакви криминални шеми, Владата на Мицкоски го уништува правото и ја нарушува довербата на граѓаните во системот; објави Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Партијата бара итна реакција од Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и сите надлежни институции.
Томовски се јави со демант тврдејќи дека нема никакви роднински врски со компанијата што го добила тендерот.
-Службата за општи и заеднички работи со компанијата „Праеториан“ склучи договор за „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во времетраење од три години во вредност од околу 3 милиони евра. На оваа јавна набавка конкурираа четири фирми, што не беше случај во изминатите шест години, кога само една фирма која конкурирала, секогаш го добивала тендерот на максималната вредност. Избраната компанија има доставено сериозно висока банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари, објави директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Томовски жали што, како што вели, наместо да се нагласи заштедата од 30 милиони денари за државниот буџет, што не било случај во минатото, јавноста се дефокусира со неосновани обвиненија адресирани на негова сметка. Одговорно тврди дека во никаков облик не постојат негови роднински врски со сопствениците на избраната компанија.Директорот на СОЗР уверува дека компанијата „Праеториан“ на никаков начин не е поврзана со него, ниту му припаѓа на некој него роднина.