Сто дена влада на Мицкоски: Скандали, изговори, заеми и по некое остварување

Неможноста на власта да се справи со енормниот скок на цените на храната остави најдлабока трага кај граѓаните


 

Денес се навршуваат 100 дена од новата Влада, а премиерот Христијан Мицкоски најави прес-конференција на која ќе ги соопшти резултатите. Наспроти опозицијата, која објави слоган со наслов „100 дена изговори, скандали и разочарувања“, власта ќе настапи со слоган „100% посветени за тебе“.

Место фуриозен, како што се најавуваше, стартот на новата влада беше всушност хаотичен. 

„Сто дена владеење на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е период на изговори, скандали, разочарувања, изневерени ветувања и назадување. Досега немало влада со толку лош почеток на владеењето. Ако денот се познава по утрото, уште полошо ги чека граѓаните и државата со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најнеспособната власт од независноста на државата до денеска. Власта ги изневери и ги разочара граѓаните, најмногу со тоа што сите нејзини ветувања пред изборите ги замени со изговори зошто не може да ги реализира“, вели во своето соопштение СДСМ. И додава:

„Ветуваа поголеми плати а просечната плата се намали за 1.000 денари, нема покачување ниту на минималната плата, ниту на платите за наставнивите и другите работници. Ветуваа поголеми пензии за 5.000 денари, а не можат да испорачаат ниту половина. Ветуваа намалување на задолжувањето, а го зголемија долгот на граѓаните за над 60%.  Им натоварија 500 милиони евра на грбот на граѓаните, сомнители кинески пари, да ги враќаат генерации. Наместо реални мерки за намалување на цените мачкаат очи загрозувајќи го стандардот на народот.

Скандал до скандал ги одбележаа овие 100 дена на Мицкоски и ДПМНЕ. Речиси и да немаше недела да не се случи некој огромен скандал, од поклонетиот имот на генералниот секретар во Владата вреден 300 илјади евра, сомнежите за корупција, преку долговите од 1 милион евра за кои до денеска се молчи.

Безбедноста на граѓаните е загрозена поради неспособноста на власта на Мицкоски. Се случија 10 убиства и обиди за убиства а расчистено е само едно, пукањата по улиците, палењето автомобили и дивеењето на криминалците стана секојдневие. 

Безбедносните структури се подложни на масовна партизација наместо професионализација, исто како и останатите институции.

Беше нападнат полицаец на скопскиот аеродром од обезбедувањето на Гаши. На северната граница власта нема контрола, се случија тон скандали со пропуштање на сватовите на Гаши, со казнување на полицајците и самовилие на началниците поставени од ДПМНЕ.

Изгоре 10 отсто од територијата на земјата, причинета е огромна штета, само поради неспособност на првите луѓе во власта на Мицкоски.

Власта ги прекина преговорите со ЕУ. Одлуката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да стават буквално крај на преговорите со ЕУ и да ја дотераат земјата во политички ќорсокак е најголемиот успех на оваа Влада во првите 100 дена.

Од земја со јасна перспектива напред, јасен план за развој и раст на секое поле во рамки на ЕУ, Мицкоски реши да ја затвори и изолира уништувајќи ја надежта дека тука ќе се живее подобро.

Со Мицкоски и ДПМНЕ може само да очекуваме уште повеќе иселување, економска стагнација и целосен застој во целокупниот развој на државата“, порачаа утрово од СДСМ.

Викендов и коалицијата „Вреди“ даде отчет за сработеното, истакнувајќи ги реформите за враќање на изгубената доверба на граѓаните во институциите и борбата против корупцијата. Но, по истекот на првите сто дена, граѓаните сепак, немаат многу простор за задоволство. Во овој период новата власт многу повеќе зборуваше за тоа што наследила отколку што реално преземаа чекори кои беа ветени во нивната програма, а владеењето го почнаа со експресно задолжување и неколку скандали.

Прв од нив беше патувањето на премиерот Мицкоски на Самитот на НАТО во САД, каде се откри дека патувале и лица кои не би требало да присуствуваат таму, а биле набавувани и скапи карти за бизнис класа, нешто што премиерот се обиде да го оправда со негов здравствен проблем со колената. Потоа следуваше скандалот со косовската претседателка што го предизвика обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој само што седна практично испровоцира иницијатива за интерпелација.  Набрзо потоа Гаши направи уште еден скандал кога со службено возило и без проверка на граница замина на свадба во Косово. Во исто време се случи и скандалот со обвинетиот косовец Блерим Рамадани, кој беше баран со потерница од Србија, да избега од куќен притвор.

На економски план Владата експресно се задолжи кај Унгарија со заем од 500 милиони евра. Опозицијата, стручната јавност го критикуваа ова задолжување за кое сметаат дека беше нетранспарентно и ја прави зависна земјата од Унгарија. Од владата исто така најавија дека вработените во одредени сектори нема да добијат зголемување на платите, иако тоа претходно беше предвидено. Таква е состојбата со вработените во основното и средното образование кои по изборите согласно законските рамки требаше да добијат покачување на платите од 12 проценти.

Најсилен шок за граѓаните беше неверојатниот пораст на цените на храната за што Владата прво одолговлекуваше, а сега како да се колеба во мерките што треба да ги преземе и покрај изгласувањето на Законот за нефер трговски практики со кој се ограничува маржата.

Епизодата со градоначалничката Данела Арсовска, на која одбива да ѝ помогне да ги набави потребните автобуси за градскиот сообраќај во Скопје, е нешто што ќе остане запаметено и по стоте дена. 

Во Собранието пак се случи првата политичка блокада во рамките на владејачката коалиција откако ДУИ и „Вреди“ заеднички ги блокираа измените на законот за бранителите, што создаде чувство на вазалство и на ВМРО-ДПМНЕ кон албанските коалициски партнери, нешто за што претходно, критикувајќи го СДСМ во однос на ДУИ, ги доби изборите. Уште повеќе, многумина предвидуваат брз прелет на „интегративците“ во владиното јато, откако почнаа да ѝ помагаат на власта да ги донесе законите за кои треба двотретинско мнозинство, меѓу кои и формирањето нови министерства.

Најкрупен внатрешно-политички настан сепак беше укинувањето на балансерот, односно покренувањето на постапката во Уставниот суд со која тој се замрзна додека не се донесе конечната одлука и најавата за нов закон за правична застапеност.

Едно од клучните ветувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше и реорганизацијата на државниот апарат со негово намалување за 10 проценти, но во реалноста тоа заврши со зголемување. Така, од претходните 16 министерства и 20 членови на Влада, со новата реорганизација се формираа 20 министерства и 23 членови на Владата. Наедно се создаде хаос и задоцнет старт на функциопнирањето поради масовниот трансфер на вработени од едно во друго министерство, опремување нови простории и слично, така што некои од новите министерства и по три месеци немаат простории, додека други сè уште кубурат со вработени. Изостана и рационализацијата и департизацијата на јавната администрација чиј тренд се гледа веќе со првите именувања на раководители, меѓу кои имаше партиски вработувања на високи позиции без потребни па и контроверзни „квалификации“. 

На надворешен план, Владата откако ги влоши па ги испегла односите со Грција со употребата и неупотребата на новото име на државата, најави и запирање на изградбата на Коридорот 8 и се скара со официјална Софија, најавувајќи паралелно дека сака да  репреговара со Бугарија за условите за започнување на преговорите со ЕУ.  Кратко кажано, направи „каша попара“ во односите со соседите и со ЕУ.

И да не биде сѐ така црно, треба да се каже дека владата најави неколку нови странски инвестиции (една во областа на енергетиката), ја прошири по многу години позитивната листа на лекови, имаше подобар старт на учебната година и најави заеми за општините – иако на сите им е јасно дека овој потег е во функција на локалните избори. (Н.В.)