СДСМ: Владата ги остави граѓаните сами против пожарите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвинува Владата за катастрофална неподготвеност и импровизација во справувањето со шумските пожари, оставајќи ги граѓаните сами да се борат со огнената стихија. Само еден ден по завршувањето на, како што велат од партијата, пи-ар активностите и сликањето со импровизираните „хермелини“, реалноста ги погоди премиерот христијан Мицкоски и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се вели во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, минатата година изгорела речиси 10 отсто од територијата на државата, а вината тогаш била префрлена на претходната влада. Од СДСМ нагласуваат дека за време на нивниот седумгодишен мандат изгорела многу помалку шума отколку за само една година под власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветуваа дека ова лето ќе бидат подготвени, а денес ја гледаме истата неспособност, истата незаинтересираност и истата импровизација“, се додава во соопштението.
СДСМ посочува дека Владата имала цела година да набави опрема, да вработи пожарникари и да го подготви системот, но наместо тоа, не набавила нови возила, не ги сервисирала постоечките и не обезбедила навремен кадар. Како замена за модерни возила, се адаптираат стари армиски „хермелини“ кои не можат да пристапат на тежок терен.
„Само лани Владата набавила возила за функционерите и администрацијата од неколку милиони евра“, велат од СДСМ.
Наместо да вработат обучени пожарникари со достоинствени плати, од партијата велат дека Владата дури сега, во средината на летото, нуди сезонска работа за 24.000 денари, што СДСМ ја нарекува „импровизација која може да биде и опасна за луѓето“.
„Владата имаше пари за службени возила за администрацијата, за советници со плати од 100.000 денари, ама за противпожарните бригади не“, велат од СДСМ.
Партијата нагласува „оваа неспособност има висока цена што ја плаќаат сите граѓани – горат шуми, се уништува имот и загрозени се животи“.
Од партијата, на крајот од соопштението, го прашуваат премиерот Мицкоски кој е оваа година крив за пожарите и дали е тоа повторно СДСМ?
Вчера и градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ рече дека е забележана бавна реакција на надлежните институции за справување и за гасење на пожарот што веќе трет ден е активен.
„Дали во која било земја во светот се гасат пожари со БТР-и и хермелини од армијата? Ова не е ниту НАТО, ниту Европа. Ова е циркус. Наместо МИП – Македонска Интервентна Пожарна, ние гледаме „импровизирана“ противпожарна единица и евтин ПР. Проблемот е што последиците од вашата неспособност ги чувствуваат граѓаните на терен“, оценија од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата со порака дека „СДСМ лаже“.
-СДС повторно бесрамно лаже за пожарот кој се случи во текот на вчерашниот ден во Чучер Сандево. СДС беше власт 7 години и наместо да се позанимава со набавка на возила, модернизација или пак да покрене некаков чекор за борбата со огнените стихии, тие гледаа од каде тендер да наместат и да ќарат провизии.
За разлика од порано кога државата во летните периоди беше во пламен, сега се реагира веднаш.38 возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите, Македонија за прв пат со оваа Влада добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила за гаснење на шумски пожари, кои имаат одлични карактеристики и капацитети за справување со тешко достапни терени.Армиските и полициските возила се пренаменети и ставени на располагање на Владата и на Дирекцијата за заштита и спасување со цел зголемување на капацитетите за справување со пожарите во земјава. Со пренамена на полициски и армиски возила државата заштедува неколку десетици милиони евра, а се зголемуваат капацитетите за гаснење на пожари.
На располагање се и по два полициски и армиски хеликоптери кои се подготвени доколку има поголеми пожари и огнени стихии. По 400 евра за 400 невработени се предвидени за сезонски работници за борбата со пожарите низ државата. Имаме план, Македонија ќе ги зачува белите дробови, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.