СДСМ ветува просечна плата од 600 евра, минимална од 300 евра и 100 илјади нови работни места

Во новиот четиригодишен мандат СДСМ ветува раст на просечната плата која ќе изнесува 600 евра, на минималната на 300 евра и 100 илјади нови работни места. Ова е дел од економската програма партијата која денес ја презентира претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„Во изминатите две ипол години ја извадивме државата од колапс, ја кренавме економијата и ја поставивме на реални и стабилни основи“, рече Заев. Тој додаде дека политиките што ги спроведува Владата отвораат простор за уште поголем раст.

„Следува рекордно намалување на невработеноста и рекорден раст на платите. Во новиот мандат уште повеќе ги поддржуваме домашните фимри, а со членството во НАТО носиме рекорден број странски инвестиции“, рече Заев.

Претставувајќи ја програмата на СДСМ во делот на економијата, Заев рече дека до крајот на мандатот, до 2024 година се предвидува отворање 100 илјади нови работни места.

„Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60 илјади конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, за полн мандат знаеме и можеме да отвориме 100 илјади нови работни места“, рече тој.

Заев додаде дека се зголемува и поддршката за домашните и за странските инвестиции. Таа е проектирана на 300 милиони евра до крајот на мандатот.

„На ова додаваме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија, или вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите, за работа тука во нашата татковина“, рече Заев.

Со ова, како што нагласи, невработеноста ќе се намали под 8 проценти, односно под 20 отсто кај младите. Денес стапката на невработеност е 17,1 процент кај општата популација и 35 отсто кај младите и е сериозно намалена во однос на 2017 година.

„За само 2,5 години минималната плата ја покачивме за 60 отсто или за 5.500 денари, а  просечната за над 4.000 денари. Покажавме дека платите  може да растат во сите сектори, за 2,5 години просечната плата ја зголемивме на 450 евра“, рече Заев.

Тој ветува дека во новиот мандат ќе продолжи растот на платите и ќе биде и побрз и посилен.

„Просечната плата ќе порасне на 36.000 денари, а минималната на 18.000 денари. Шестотини евра просечна, 300 евра минимална плата“, рече Заев.

Тој додаде дека вложувањето во човечкиот капитал е вистинскиот прав пат и поради тоа платите на вработените во образованието и здравство ќе се зголемат за 20 отсто. Продолжува и субвенционирањето на придонесите за сите компании кои што ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен.

„Во ИТ индустријата која е генератор на илјадници добро платени работни места до 2023 година персоналниот данок го намалуваме до 0 проценти или заедно со мерките на повраток на персоналниот данок, во ИТ конечно сите ќе плаќаат 0 проценти персонален данок“, рече Заев.