СДСМ ветува поголеми плати и помала невработеност


За четири години зголемување на минималната плата на 20.000 денари, а на просечаната на 34.000, вети лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот собир во Куманово, заедно со носителите на пратеничката листа во Изборна Единица 2, Оливер Спасовски и Сања Лукаревска.
Тој истакна дека со одговорни политики, со стабилна и развојна економија, до крајот на новиот мандат, до 2024 година, минималната плата и просечната плата ќе продолжат да растат, ќе растат странските инвестиции, а невработеноста ќе се намалува.
– Ако за 2.5 години успеавме минималната плата да ја зголемиме за 5.500 денари, од 9.000 на 14.500 сигурни сме дека можеме во полн мандат од 4 години, да ја зголемиме за дополнителни 5.500 и дека минималната плата ќе изнесува 20.000 денари. Можеме да ја зголемиме и просечната плата на 34.000 денари, истакна Заев.
Пред присутните, тој ги претстави столбовите на програмата на СДСМ и Коалицијата „Можеме“.
– Ова е нашата визија, нашиот јасен план за Северна Македонија во 2024 година. Нашата програма се базира на 6 сеопфатни столба: Стабилна држава со нова, развојна македонска економија, Држава со европски здравствен систем посветен на потребите на граѓаните, Држава која се грижи за сите, Држава која е правна и праведна, Тоа е зелена, еколошка држава, тоа Европска држава, членка на НАТО. СДСМ е посветена на развој на домашната македонска економија, на инвестиции во инфраструктурата, на продолжување на интегративниот процес во ЕУ, на грижа за ранливите категории, на обезбедување здрава животна средина, заштита на здравјето на граѓаните и загарантирана правда за сите. Ова се столбовите на кои е изградена нашата Програма. Чесна, одговорна и достојна понуда за граѓаните, порача Заев.
Сања Лукаревска истакна дека тие можат и нудат повисок стандард и иднина, знаат да ги зачуваат младите во државата, да отворат нови работни места, да ги покачат пензиите и да го сочуваат достоинството на пензионерите, да воведат ред, правда и дисциплина, да градат пријателства во Европа и во светот.
-Некои таму велат Македонијо исправи се, а 11 години од нивниот мандат не клекнаа сите на колена, заради нивните деструктивни политики, нудат обнова, но никако да ни кажат што тоа значи. Иако се веќе прочитана книга нудат обнова на режим, закани и уцени, насилство, барок, нагласи Лукаревска.
За разлика од нив, како што кажа, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ нуди решенија на проблемите, а тоа го покажале кога наследиле празен буџет и огромен број долгови.
-Решивме огромен број проблеми, решаваме огромен број проблеми и ќе продолжиме да решаваме, со нас со коалицијата „Можеме“ ниеден граѓанин во оваа држава нема да биде оставен на маргините, порача Лукаревска.
Просечната плата е зголемена за 20% за само 3 години, а ВМРО-ДПМНЕ за шест години ја зголеми за само 9,3%, рече таа додавајќи дека тие нема да застанат тука и оти нивниот предизвик е просечната плата до крајот на мандатот да ја зголемат на 34.000 денари односно за 30%.