СДСМ: Вело Марковски не е освежување, туку деструктивен кадар


СДСМ ги оцени како „таканаречени“ промените во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ порачувајќи дека тие се уште еден очаен обид на Христијан Мицкоски да ја спаси својата фотелја во белиот дворец. Според нив, едно од тие освежувања, Вело Марковски, ќе остане запаметен по непостојаните ставови во однос на коронавирусот и тоа што често пати јавно ги поткопуваше мерките и решенијата на Комисијата за заразни болести.

-Во јавни излагања Марковски повикуваше да се заразат што повеќе луѓе со коронавирусот, зборуваше дека вирусот не е опасен и дека студенти по медицина низ светот намерно се заразувале со КОВИД 19.Еднаш велеше дека тешко ќе постигнеме колективен имунитет, а само по неколку недели зборуваше дека брзо ќе сме стигнеле до колективен имунитет. Со своето однесување, со поткопување на мерките и решенијата Марковски внесуваше паника и вознемиреност во јавноста, порача Богданка Кузеска, портпаролка на партијата.

-Во ВМРО-ДПМНЕ нема никакви промени. Раководството на партијата предводено од Христијан Мицкоски е полно со деструктивни кадри, со поранешни докажани послушници на Груевски. Опозициската партија не е мрдната ниту милиметар од режимската матрица.Со ваква кадровска понуда, ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе биде опозиција. Граѓаните не сакаат нечесни, неискрени и деструктивни кадри и тоа го покажаа и на изборите на 15 јули, порача таа.