СДСМ усвои партиски Кодекс за етика, лидерот ќе го избира на непосредни избори


СДСМ ги соопшти сите донесени одлуки на денешниот 25. дигитален конгрес. Ова се повечето од нив:

– СДСМ е една од ретките партии која воведе целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправно, токму поради ова направи уште поголема демократизација на партијата и унапредување на позициите на жените и младите во СДСМ и дополнително зајакнување на партиските комисии.

– Усвоени се  измените и дополнувањата на Статутот на СДСМ.

– Усвоен е Извештајот за победата на парламентарните избори оваа 2020 година.

-Следната година, кога истекува мандатот на актуелното  раководство, за првпат во историјата на државата една политичка партија својот претседател ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори. Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни, фер, слободни партиски избори. За претседател на СДСМ ќе може да се кандидира секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас.

-СДСМ ја смени и преамбулата на Статутот. Покрај слободата, еднаквоста и солидарноста кои се основни социјалдемократски и демократијата како цивилизациска вредност, ја додовме и правдата, како основно обележје на трајната посветеност на  партијата.

– Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на етика на СДСМ. Надзорниот Одбор ќе биде задолжен за неговата примена, а сите членови, од партиските активисти до претседателот на СДСМ ќе бидат еднакво обврзани кон вредностите на СДСМ.

– За првпат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање. Претседателите на Форумот на жени и на СДММ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас, на сите нивоа. Воедно, старосната граница во партијата, израмнуваме со најпрогресивните европски стандарди.

– Со цел да се мотивираат највозрасни членови и да учествуваат во градење на мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите, за првпат се формира и Форум на пензионери.

– Со новиот Статут се предвидуваат и организациите на СДСМ во другите држави. Тие ќе учествуваат во работата на партијата преку свои делегати и ќе добијат официјално и статутарно признание за нивната долгогодишна несебична помош и нивниот третман во партијата.

– Црвената боја станува боја на СДСМ. Тоа е боја што ја отсликува нашата енергија, сила и верба во подобра заедничка иднина, бојата на социјалдемократијата.

– Констатирани се оставките на Дамјан Манчевски и Драган Тевдовски од членови на Централниот одбор на СДСМ.