СДСМ тврди дека води со пребројани една третина од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ го вели спротивното


Сајтот на Државната изборна комисија е паднат, па не може да се види како тече пребројувањето на гласовите. Според последните податоци од пребројани 15 проценти од гласовите, водеше СДСМ со помалку од еден процент од гласовите.

Од партиските штабови стигнуваат различни резултати. Според извори од СДСМ по пребројани 33 отсто од гласовите нивната коалиција водела со три пратеници, а трендот бил за уште поголем број пратеници. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак тврдат, дека на истиот број избројани гласови тие имаат предност од два пратеника.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вечерва изјави дека „денеска имавме мирен, достоинствен и здравствено безбеден изборен ден како што впрочем доликува на една слободна, демократска, европска држава членка на НАТО и следен преговарач со Европската унија“. Тој им се заблагодари јавно на сите граѓани кои денеска гласале почитувајќи ги мерките за заштита од вирусот и на тој начин, како што рече, го дале својот придонес кон развојот на нашето демократско општество.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, во вечерното обраќање повеќе зборуваше дека „победата доаѓа“.

„По обработените 20 отсто од избирачките места, според првичните резултати ВМРО-ДПМНЕ веќе има значително водство, во моментов станува збор за седум-осум пратеници предност пред СДСМ“, изјави Јанушев на првата прес-конференција по завршување на изборите.

„Обновата доаѓа“, оптимистички рече Јанушев. Според него, имало и серија нерегуларности кои се документирани и процесуирана до надлежните институции и до ОБСЕ/ ОДИХР. Станува збор за притисоци врз администрацијата, изборен поткуп, агитирање во време на изборен молк и слично