СДСМ тврди дека има нов скандал со тендери во Министерството за дигитализација вреден 1,5 милиони евра


Министерот Стефан Андоновски

 

СДСМ тврди дека продолжуваат тендерите во Министерството за дигитална трансформација во кој е вклучен Мартин Клинчаропв, сопругот на државната секретарка. Јон Фрчекоски, член на ИО на СДСМ на денешната прес-конференција рече дека сумата од овие тендери била 1,5 милиони евра.

„Ова е продолжение на скандалот кој веќе го објавивме, тоа се тендерите на фирмата ‘Матео дизајн’, на сопругот на државната секретарка Клинчарова, Мартин Клинчаров, вредни 50 илјади евра. ДКСК застана, ама АКТ не застанува. Затоа што и тендерите во Министерството за дигитална трансформација не застануваат. Денеска обелоденуваме како оваа семејно-тендерска мрежа не само што продолжила, туку драматично се покачила во вредност, во пари“, потенцираше Фрчкоски.

Фрчкоски посочи дека станува збор за 1,5 милиони евра народни пари, додека трите договори се однесуваат на одржување на системот за управување со документи, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити.

„Бидејќи директното доделување на државни пари кон сопругот на Клинчарова станало премногу ризично по отворањето на првата афера, екипата вовела новитет. Министерот Стефан Андоновски склучува три нови милионски договори со фирмата ‘Нома систем солушнс’, подружница во Скопје. Станува збор за тендери за одржување на Системот за управување со документи вреден, софтвер за регистар на имот и софтвер за испити. Како управител на фирмата се јавува извесен Владимир Симовски. Истиот тој Владимир Симовски е поранешен директен бизнис партнер и косопственик токму со Мартин Клинчаров, сопругот на државната секретарка, во фирмата „Сваг фуд“ ДОО Скопје“, потенцираше Фрчкоски.

За скандалот да биде уште поочигледен, сопственички удел во оваа компанија има и фирмата „Матео Дизајн“, која е во сопственост токму на сопругот на Клинчарова.

Трансформацијата во Министерството на Андоновски кон „Нома солушнс“ и партнерот на Клинчаров е со една и единствена цел, да продолжат семејно-тендерските врски и да се испумпаат државните пари кон луѓе блиски. А сето тоа да се сокрие од очите на јавноста по избувнувањето на првиот скандал.

„Од министерот Андоновски, кој дозволи неговото министерство да функционира како затворен семејно-деловен круг, граѓаните не очекуваат извинувања, туку итна оставка и одговорност“, рече Јон Фрчкоски.