СДСМ тврди дека хидроцентралите на Мицкоски извлекле 900 илјади евра профит од државата


На последниот ден од кампањата, СДСМ го обвини лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека трите хидроцентрали каде тој се појавува како косопственик, извлекле 900 илјади евра профит од државата поради загарантираниот 20-годишен договор.

„Главното прашање што го поставивме вчера, а не ни беше одговорено, ќе го поставиме и денеска: Зошто лидерот на опозицијата ја крие својата имотна состојба?Одговорот е јасен, Мицкоски нешто крие!

Тој е лично е косопственик на три мали хидроелектрани кои по примерот на договорот на  Груевски и ОКТА има загарантиран 20 годишен договор по цени на струја коишто ја плаќаме ние граѓаните“, изјави денеска на прес-конференција Митко Андреевски, претседател на Комисија за енергетика на СДСМ.

Тој презентираше подотоци, според кои од 2016 до 2019 година на косопствениците на хидроцентралите државата им исплатила 56 милиони денари, или околу 900 илјади евра. Според СДСМ, тоа било една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ не сакала да се либерализира пазарот на електричната енергија и затоа била укината евтината тарифа и зголемена цената на струјата.

Од партијата уште изнесоа податоци дека за 15-годишниот договор со „Пелагонија енерџи“ на Орце Камчев, државата исплатила две милијарди денари, или 33 милиони евра пари на граѓаните. СДСМ тврди дека овие пари на компанијата на Камчев ѝ биле исплатени за четири години – од 2015 до 2019 година.

Тие тврдат дека за овие договори и за укинување на евритината тарифа и неносењето на новиот закон за енергетика, им помогнала сегашната претседателка на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Маркова, која од 2011 до 2017 година беше член на Регулаторната комисија за енергетика.