СДСМ тврди дека хаос има и во други градови, не само во Скопје

Во Битола возила од јавни претпријатија се злоупотребувале за одење по свадби и на приватни патувања во и надвор од државата.


СДСМ тврди дека хаос, каков што има изминатите недели во Скопје, има и во другите општини што ги води кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Град Скопје каде блокадите се секојдневие, а функционирањето на јавните претпријатија е на раб на колапс. Но не е само Скопје, хаос и нефункционалност се случува речиси во секоја општина каде ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт. Наместо решенија, наместо реализација на проекти, во општините под ВМРО-ДПМНЕ се случува партизација, зголемување на цените на услугите, злоупотреба на службената положба и расипничко трошење на парите на граѓаните.

Во општина Штип речиси и да нема услуга или давачка која не е зголемена. Откако ги зголемија цените за такси превозот и ѓубретарина, градоначалникот Иван Јорданов и мнозинството во Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го зголемија и данокот на промет на недвижности од три на четири отсто. Во истата општина постојат основани сомневања дека блиска личност на градоначалникот Јорданов гради дивоградба, а дворот на градинската во близна на објектот го користи за складирање на градежен материјал.

Во Ѓорче Петров, во ек на најголема економска криза, градоначалникот ќе потроши 100.000 евра за опремување на нова општинска зграда. Во Битола возила од јавни претпријатија се злоупотребуваат за одење по свадби, но и за приватни патувања во и надвор од државата. Во Прилеп е зголемена цената на јавниот превоз, на паркингот и на комуналните услуги, како и цените за фирмарина и поставување урбана опрема.  Зголемени цени на комуналните услуги има и во Радовиш и Виница, но и во неколку други помали општини.

И згора на се Христијан Мицкоски како шпицен градоначалник оди од општина до општина и преговара за новите буџети на општините. Дали откако се искара со Данела Арсовска за тендер од 136 милиони евра, сега на овој начин сака да се осигура дека рацете ќе му бидат во медот во секоја општина раководена од ВМРО-ДПМНЕ? – прашуваат од СДСМ денес.

Реакција имаше и од СДСМ од Општина Аеродром од каде соопштија дека за првпат општината ќе се задолжува со кредити и дека градоначалникот Тимчо Муцунски собирал идеи за проект за буџет – што веќе е напишан и пратен до општинските советници.  

-Изминатиот викенд бевме сведоци дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски креираат општински буџет во Аеродром, којшто наместо да одговара на потребите на нашите сограѓани, прилагоден е исклучиво на теснопартиските интереси на нивната партија. Шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски потврдува дека освен „рацете во медот“, друго ништо не го интерисира, а Муцунски без трошка срам дозволува партиски лидер да му го креира општинскиот буџет, под маската на привидно прашување граѓаните за нивните потреби.

Прво, Муцунски ги кани граѓаните да дадат свои предлози на веќе креиран предлог-буџет, испратен на увид на членовите на Советот пред точно една недела. Да го интересираше навистина нивното мислење за буџетот, ќе организираше средби со граѓаните пред да го испрати на увид кај членовите на Советот. Второ, ова е прв пат од постоењето на Општина Аеродром да се предвидува задолжување на општината, што претставува само уште еден доказ за неспособноста на економскиот тим на Муцунски, стои во реакцијата на СДСМ.

 

О ВМРО-ДПМНЕ пак со веќе виден политички театар од времето кога беа на власта, изминатите два викенди собираа идеи за проекти од граѓаните во општините, при што се пофалија дека собрале над 2.092. 

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните изминативе два викенда ги креираше буџетите на општините за 2023 година. Најпрвин транспарентно градоначалниците дадоа свои отчети за сработеното за изминатата една година од својот мандат, а сега преку отворени денови во општините, собираа идеи и предлози за поубави и современи општини“, порача денес Ивица Томовски, член на ИК. Според него, преку акцијата „Биди дел од промените што носат иднина” и преку интернет порталот budzet.mk овие две недели биле собрани споменатите 2092 идеи за над 40 општини каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Овие идеи и проекти ќе бидат сериозно разгледани од стручни и професионални тимови. Сите реални проекти и идеи ќе бидат инкорпорирани во програмите и буџетите на општините за наредната календарска година.Од досега разгледаните идеи и проекти, како и од капиталните проекти веќе вклучени во програмите на општините, 2023 година во овие општини ќе биде година на градежна офанзива, година на културата и спортот, година за животната средина, изјави Томовски.