СДСМ тврди дека Чулев незаконски ја унапредил сопругата на Чавков


„Техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, повторно се става над законот, во обид за партизација на институциите и враќање на режимот.

Чулев, без распишан интерен оглас во Министерството за внатрешни работи, ја унапредил сопругата на Митко Чавков на  повисока позиција за три скалила погоре во МВР.

Ова е спротивно на систематизацијата и правилата за напредување во МВР, што сведочи за уште еден обид на Чулев, МВР да го претвори во ВМРО-МВРО“, вели во своето соопштение  СДСМ.

Социјалдемократите уште додадваат дека Наќе Чулев со своето „неодговорно однесување во време на корона кризата, кога реши да не ги казнува лицата што ги прекршуваат мерките за заштита и рестрикциите на движење, е еден од највиновите за растот на бројот на инфицираните лица и тоа нема да му го простат“.

Наќе Чулев потоа се јави со демант во кој вели „дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кој е изготвен врз основа на претставка поднесена од посочено лице, во кој се констатира дека истото подолг временски период е распоредено на работно место кое е во спротивност со законот. Во извештајот е констатирано дека со цел избегнување на дополнителни трошоци на товар на МВР по основ на тужба, одделот смета дека од страна на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при БЈБ треба да изврши ревизија на распоредувањето и Јасмина Чавкова да биде распоредена согласно позитивните законски прописи на важност во МВР“, нагласува министерот Чулев.