СДСМ контра Лефков: Судијата Даниела е избрана во времето на ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б, Грданоски

По обраќањeтo на Лефков и ВМРО-ДПМНЕ до јавноста, дека штаб на СДСМ во Ранковце е  сместен во куќата на судијката која го спасила возачот убиец од затвор за дрога и со тоа во нејзината кариера била пристрасна и работела по налог на СДСМ, СДСМ излезе со реакција, демантирајќи ги тврдењата:

„После трагедијата што се случи со прегазувањето на младата Фросина нацијата е во жалот а гневот на народот е огромен и реален. Наместо да преземат одговорност и да бараат решенија за проблемите, од ДПМНЕ етикетираат луѓе, лажат и манипулираат. Срамно и недозволиво е ВМРО-ДПМНЕ да го злоупотребува овој трагичен настан, кога добро знаат дека и судијката и таткото на сторителот се блиски до нивната партија.

Судијката Даниела Алексоска Стојановска е избрана токму од ВМРО-ДПМНЕ, во времето на нивниот режим, на 8 февруари 2012 година. Таа е дел од фамозното „тефтерче” на Гордана Јанкулоска, симбол на партиските влијанија врз судството. Граѓаните добро знаат како се избираа судии тогаш и чии кадри се тие.

Етикетирањето и лажните обвинувања се очајна стратегија која покажува дека Владата бега од решенија и јавната болка сака да ја сведе на политички пазар.

СДСМ нема да дозволи манипулации со човечки трагедии. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да престанат со некрофилски политики и да почнат да бараат решенија за вистинските проблеми – дивеењето по улиците и неспособноста на министерот Тошковски да воспостави ред и безбедност во државата“, се вели во реакцијата.