СДСМ: Судиите што застаруваат предмети ќе бидат разрешени

 

Приоритет на Владата предводена од СДСМ е целта која ја зацрта заедно со граѓаните – градење на силна ефикасна правна држава која бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата, држава која гарантира независен правосуден систем.

– Ред, правда и дисциплина мора да има во Република Северна Македонија. Сега следува процес на целосно и темелно прочистување на правосудството. Судиите кои намерно застаруваат предмети по автоматизам ќе бидат разрешувани, предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во правосудството не постапувал со цел да застари предметот, тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам – се вели во соопштението на владејачката партија.

Појаснуваат дека ќе се врши детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, како и ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните пет години, по случаен избор.

– Поради неопходноста на ред и дисциплина во сите институции, отчетност и транспарентност на службите,се воведува законска обврска за јавна објава на трошоците на сите функционери во централната, локалната, но и судската власт. Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат правда и конечно да почне да се применува законот за сите подеднакво – велат од СДСМ.