СДСМ: Страницата од Арачиново е злоупотребена и се оградуваме од повикот за војниците


 
Откако на социјалните мрежи се појави повик на општинската организација на Арачиново на СДСМ во која се повикуваат кандидатите за војници да се пријават кај ракводителот на огранокот, партиската централа се огради од таа објава.
 
Во соопштението се нагласува дека „СДСМ целосно се оградува од објавата на Фејсбук страницата на локалната организација во Арачиново. Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност“.
 
Според партијата, Армијата е за професионалци и нема простор за ништо друго. Пријавувањето и селекциите за конкурсите за професионални војници се спроведуваат по највисоки стандарди од страна на надлежна институција која нема никаква врска со ниту една политичка партија. „По спроведените реформи во изминатите години, токму од страна на СДСМ, одлика на Армијата е професионалност и стручност по највисоки стандарди, за што сите ние сме особено горди“, се вели во соопштението.
 
И Министерството за одбрана се огради од „објавата на Фејсбук профилот на општинската организација Арачаиново на политичката партија СДСМ“ и соопшти дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди и МО и Армијата не дозволуваат било какви партиски или друг вид на влијание.
 

„Во Армијата војниците кои ќе бидат примени ќе треба да ги исполнуваат сите професионални карактеристики пропишани на огласот. Ќе бидат примени најдобрите. Ги охрабруваме сите граѓани заинтересирани да аплицираат без разлика на верска, национална, партиска или било каква друга припадност. Истовремено ги повикуваме политичките партии да се воздржат од било какви притисоци или влијанија врз сегашните и идните припадници на Армијата. Армијата и служи на државата, а не на партиите“, се наведува во соопштението на МО.

На 14 септември Министерството за одбрана објави јавен оглас за прием на 200 професионални војници на служба во Армијата.