СДСМ: Срамно е ова што ВМРО-ДПМНЕ му го прави на Гоце Делчев

Не можеме Гоце Делчев и неговото дело да го сведеме на една политичка декларација, рече Јован Митрески


 

СДСМ денеска ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека со предложената декларација му нанесува штета на македонскиот револуционер и на неговото дело. Па, затоа тие нема да ја поддржат декларацијата и бараат од ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече. Координаторот на пратеничката група на партијата, Јован Митрески, изјави дека е „срамно што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова му да го направи на македонскиот херој Гоце Делчев“.

Митрески рече дека „Гоце Делчев е еден од најзначајните македонски национални херои, чие наследство силно го промовираме.  Од овој став не сме отстапиле ни милиметар. Популистичките игри на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на ликот и делото на великанот Делчев.

Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова му да го направи на македонскиот херој Гоце Делчев. Македонскиот национален херој Гоце Делчев не заслужил да го сведеме на политичка декларација! Делото на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев и неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност не заслужува ваков потценувачки однос“, нагласи тој.

Според Митрески, наспроти ваквото политикантство „во најдобриот дух на визијата на македонскиот великан, ние почнавме со градење мостови и културен натпревар со цел решавање на сите отворени прашања. Тоа бил и неговиот поглед за иднината и тоа е духот во кој ќе продолжиме понатаму“.

Тој додаде дека моштите на Гоце Делчев се во Скопје, во главниот град на македонската независна држава, и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане. Почитта за неговото дело се огледа и во тоа што имаме град што го носи неговото име, училишта и библиотеки, улици и бројни споменици.

Митрески го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека декларацијата е политичко подметнување од страна на ВМРО -ДПМНЕ за да се продлабочат  поделбите во македонскиот народ.

„Партијата која постојано е против нашите евроинтеграции, во нивниот познат манир, по стоти пат ја промаши темата. Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ја покажуваат сопствената несигурност и аматеризам. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да биде пренесен на граѓаните. Нема да дозволиме да ни држат лекции оние кој со бројни потези го срамат ликот и делото на Делчев.

ВМРО-ДПМНЕ е партијата којашто правеше споменици на Ќосето, која на партиски настани воспева и слави личности како Ванчо Михајлов, Тодор Александров и други од тој дел на историјата тотално спротивни на Делчев и на македонските интереси во тој период. 

Вакво политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некој други бугарски политичари кои имаат за една цел градење на политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете држави.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната т.н. декларација… чија единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“, рече Јован Митрески, пренесувајќи го ставот на СДСМ.