СДСМ со нови состави на 18 партиски комисии, од утре тематски трибини „Решенија што прават разлика“


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска соопшти дека го зајакна својот кадровски потенцијал, со над 200 личности кои се веќе дел од составите на 18 партиски комисии на СДСМ.

„Професори, лекари, економисти, правници, инженери, експерти од дигитални технологии. Половина од нив се нови лица. Секако имаме и континуитет, на досегашни членови, симпатизери и поддржувачи но особено задоволство е што имаме и нови“, рече на прес-конференција, Сања Лукаревска, заменик-претседателка на СДСМ.

Таа додаде дека сите овие луѓе кои што се приклучиле во стручните тела на СДСМ, се ставиле на располагање да дадат придонес во развојот на социјалдемократијата, подобрување на политиките за иднината на земјата.

Таа најави дека од утре и во наредниот период, партијата започнува со тематски трибини: Решенија што прават разлика.

„Ќе зборуваме за решенијата и резултатите на СДСМ кои навистина прават разлика, за реализацијата на програмата и што тоа значи во однос на животот на граѓаните“, рече Лукаревска.

Првата тематска трибина ќе биде утре, за енергетиката, енергетската безбедност и зелената транзиција.