СДСМ: Сиромашните нема да плаќаат за градинка

Владејачката партија најави дека по нивната победа на изборите ќе продолжи да се грижи „за сиромашните, ранливите – продолжуваме да вложуваме во луѓето – а не во спомениците“.

„Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто, а до крајот на следниот мандат таа ќе се прошири и ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65.000 деца ќе примаат детски додаток“, изјави на прес-конференција Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ.

Тој најави дека ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи. Во програмата е и отворање на три домови за стари лица во Скопје, Кочани и Пробишти и изградба на 10 нови центри за активно и здраво стареење.