СДСМ си ја врати културата: Која е новата министерка Ирена Стефоска?


По две години, СДСМ  го враќа ресорот култура под своја капа. Роберт Алаѓозовски како кадар на СДСМ ја врше функцијата министер за култура во периодот од јуни 2017 до мај 2018 година, а потоа стана Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

Сега за нова министерка за култура е предложена Ирена Стефоска (53) од Скопје,  доктор по историски науки (Институт за национална историја), пратеничка и претседателка на собраниската Комисија за култура. и градска фаца од културните настани во Скопје и низ Македонија. Уште е рано кои ќе бидат новиот државен секретар или заменик-министер за култура, се шпекулира дека едната позиција треба да биде кадар од  албанските партии кои влегоа во коалицијата, т.е. од нивниот договор меѓу себе. Актуелен заменик министер за култура е актерот од Театар за деца и младинци, Владимир Лазовски. Досегашниот министер за култура Хусни Исмаили (57), по една година мандат како предлог на Алтернатива , ќе седне во пратеничките клупи на македонското Собрание.

Стефоска доаѓа на жешкото столче како министер за култура во време кога институциите од културата ја чекаат јулската плата, а синдикатите во културата, СКРМ и СОНК, испратија опомена пред тужба до Министерството за култура, поради прекршување на одредбите за плата од колективниот договор потпишан на 30.12.2019 г. и објавен во Службен весник бр. 10 од 16.01.2020 г.

Во време на пандемија на коронавирус, речиси  70% од програмата на институциите не е реализирана , уметнците и стручните лица се целосно блокирани во својата работа и своето творештво, библиотеките, театрите, филхармонијата и НОБ се уште се затворени , а голем дел од музеите и центрите за конзервација едвај функционираат. (Л.С.)