СДСМ прослави 30 години задоволен од она што го направиле досега
Во дигитална атмосфера и со пораки на големо задоволство и историски пресек СДСМ денеска ги прослави 30-те години на своето постоење порачувајќи дека партијата како нераскинлив дел од ржавата е целосно посветена на развојот и интеграцијата. Трите највисоки личности на партијата, претседателот Зоран Заев, заменик-претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Љупчо Николовски имаа свои обраќања на он-лајн свеченоста, а се обратија и неколкумина други членови.
Заев во обраќањето ги наброја, според него, главните постигања на партијата: „Меѓународното признавање, приемот во ОН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па се до кандидатскиот статус за ЕУ, Договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ се трајните државотворни печати на СДСМ.
Секогаш без задршки и без калкулации СДСМ работела работи и ќе работи во интерес на граѓаните и државата“, нагласи тој.
Претседателот на СДСМ зборуваше и за непосредните задачи и на партијата и на владата што ја предводи и како прва ја посочи надминувањето на последиците од корона кризата, ставање конечен крај на пандемијата и раст на нашата македонска економија. Според Заев, „СДСМ и во овие процеси ќе покаже одговорност, државотворност, храброст и посветеност. Заедно со граѓаните, повторно ќе бидеме на победничката страна, на светлата страна на македонската историја“.
Шекеринска за тоа како било да се гласа на првите плурални избори и дека „прогресивната ненационалистичка политика на СДСМ беше првата битка која го челичеше СДСМ. Да се покаже дека на Балканот шанса имаат и луѓето кои не мислат националистички, коишто не се популисти, коишто не се во трка да освојуваат само гласови а да не мислат на утре. Не чекаат тешки битки, ама успеавме изминатите 30 години и мислам дека тоа ни дава и сила и енергија и упорност за следните 130“, порача Шекеринска.
Николовски, пак, рече дека заедно со граѓаните партијата гради просперитетна држава на еднакви граѓани која чекори напред.