СДСМ предложи закони со ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ – што тие ги заборавиja


СДСМ објави денес дека до Собранието поднела 12 предлог закони со кои ќе се остварат ветувањата што во предизборието ги даваше ВМРО-ДПМНЕ, а сега работи спротивно на нив. Притоа се пожали дека се што предложиле досега како опозиција било одбиено, поради што решиле да ги предлагаат изборните ветувања на ВМРО – ДПМНЕ.  
 
Како пратеници на СДСМ и Коалицијата поднесовме десетици закони и ниеден од нив не беше прифатен од мнозинството. Поднесовме закон минималната плата да продолжи да расте.
Поднесовме закон за Продолжување на растот на сите плати во приватниот и јавниот сектор. Ниеден од нив не беше прифатен. Денес, имаме понижени работници, посиромашни граѓани. Денес имаме работници со најниски плати и најнизок животен стандард во Европа.
 
Поднесовме закони за ослободување од данок на основните производи за секојдневен живот, за да се намалат цените за да го прекинеме дивеењето на цените, да го заштитиме животниот стандард но и тие не беа прифатени. Денес имаме највисоки цени во регионот.
 
Законот за бранители една година стои заглавен во процедура. Ако до пред некое време бараа изговори во претседателот Гаши и поранешната претседателка на комисијата Даути, денес имаме ситуација тие големи патриоти во уште поголеми наводници да не го ставаат на дневен ред и да не го гласаат Законот за бранители.
 
За законот за настраданите од Кочани, нешто што бара итна и брза реакција во Собранието затоа што станува збор државна помош на настраданите во овие тешки моменти, ги користат односно злоупотребуваат сите деловнички можности за да не дојде на дневен ред и да не се изгласа.
 
Поднесовме над 400 амандмани на буџетот. Прв пат во историјата ниту еден од нив не беше прифатен.
 
Од друга страна, од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден закон од нивната предизборна програма, за која добија огромна поддршка од граѓаните. Од нивна страна има нешто тотално спротивно од тоа што го зборуваа и ветуваа. Тие што велеа НИКОГАШ СЕВЕРНА поднесоа над 110 закони за промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија.
 
Тие што зборуваа за професионализација, мерит систем, квалитетни кадри, поднесоа над 40 закони за намалување на критериумите за избор на директори – за да ги стават нивните партиски послушници на високи државни функции.
 
Нема ништо од нивната предизборна програма. Затоа ние, пратениците од СДСМ и коалицијата, денес поднесовме 12 закони што се ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Можеби изгледа парадоксално, но кога тие не ги прифаќаа нашите предлози еве можеби ќе ги прифатат нивните, истите оние што ги ветуваа пред граѓаните и добија нивна огромна поддршка.
Ветуваа 1 денар од акцизата за гориво за спортистите, за клубовите, спортската инфраструктура. Една година, ништо од тоа. Затоа, ние денес поднесуваме таков закон. Ветуваа породилно отсуство за жените земјоделки. Една година помина, ништо од тоа. Еве денес ние од СДСМ го поднесуваме тој закон, порача Јован Митрески од СДСМ.