СДСМ прашува зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Груевски, тие возвраќаат за случајот на Зеќири
Владејачката СДСМ денеска соопшти дека било време „ВМРО-ДПМНЕ да одговори како се поврзани Мицкоски и унгарската компанија на Груевски која се најде на црната листа на САД?
Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да каже: Која е поврзаноста со унгарската компанија на Груевски која се најде на црната листа на САД? Што знаел за матните зделки на Никола Груевски и зошто со години молчи?“
Социјалдемократите го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека за сѐ има став, но молчи за ставањето на Никола Груевски на црната листа на САД: „Ниту осуда, ниту извинување до граѓаните, ниту оградување од криминалот, ништо“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека случајот на донеаодамнешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, покажувал оти „СДСМ е корумпирана партија која направи целосен хаос во државата“.
Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, денеска во Ранковце рече: „Срамно и безобразно, но целта на овие политичари е како да стигнат до своите функции и да направат свој профит од секој еден предлог проект или физибилити студија. Ова веќе е неподносливо и затоа брзо треба да има предвремени парламентарни избори, за народот да си го каже своето мислење, бидејќи навистина ова е еден целосен хаос во државата“.