СДСМ поставува нови прашања за Кочани, сега за инспекторката за економски криминал


Мартин Костовски

 

Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, во денешното продолжение на прес-конференциите на партијата за Кочани праша дали најголемиот страв на власта е дека ако се соочат со правдата виновниците и актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе стигне до највисоките струткури во власта на чело со премиерот?

„Дали Христијан Мицкоски ја штити главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани – Кристина Јованова која морала да знае дека во дискотеката ‘Пулс’ се случува економски криминал?

Како е можно двајца полицајци кои минатата година ја казниле дискотеката поради нарушување на јавен ред и мир пишувајќи казна на неактивната фирма ‘Класик ДМ’ на газда Деко да бидат дел од истрагата за Кочани, а главната и одговорна која била должна да провери која фирма сега раководи со деловниот објект да биде поштедена?

Зошто Јованова не проверила дали фирмата која била казнета има никаква економска активност?

И ако проверила зошто тогаш соодветно не ја казнила компанијата ‘Мммм кафе’ која стопанисувала со дискотеката „Пулс“ кобната вечер?“, рече Костовски. А потоа отиде и понатаму:

„Дали Јованова земала дел од колачот на газда Деко?

Како Јованова дозволила и натаму да работи ‘Мммм кафе’ имајќи го предвид фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од страна на 

УЈП за неиздавање на фискални сметки?

Како е можно Јованова и раководството на МВР да дозволат со дискотеката ‘Пулс’ која имала илјадници посетители секоја недела да стопанисува фирма со блокирана сметка која не може да обавува никаква економска активност?

Ако фирмата има блокирана сметка тоа значи дека ги плаќала кон добавувачите, вработените и сите останати обврски нелегално со црни пари во кеш!

Го повикуваме обвинителството да спроведе независна истрага и да се ослободи од стегите на власта. Доколку имаат притисоци, закани или уцени од премиерот, Христијан Мицкоски или било кој државен функционер нека излезат и јавно нека споделат со јавноста. Народот ќе биде на ваша страна и ќе ве заштити“.