СДСМ послаб со ДУИ отколку сам


Додека во хотелот „Хилтон“ министерот Арбер Адеми се обидуваше да го оправда слабиот одѕив во средините со претежно албанско население, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги сумираше резултатите во своето родно село Зајас. Беше среќен што неговиот фаворит за претседател на државата Стево Пендаровски забележа убедлива победа. За него гласаа 852 избирачи, а за Блерим Река речиси четири пати помалку – 222. Во селото каде што нема ниту еден Македонец, изненадувачки четири гласа завршиле на контото на Гордана Силјановска-Давкова.
Зајас е дел од Општина Кичево каде што, исто така, победи кандидатот за претседател номиниран од СДСМ. За Пендаровски гласале 6.973 жители, за Силјановска – 6.071, а за Река вкупно 3.428 избирачи. Сепак, „слатките“ победи изгледаат горливо ако се види целокупната слика, а таа покажува ужасно ниска излезеност кај албанскиот електорат. Иако владејачката ДУИ тврдеше дека Пендаровски е нивни заеднички кандидат, се чини дека Албанците не го препознаа тоа. Од друга страна ниту, професорот Блерим Река, кој има исклучително висок професионален бекграунд и кој водеше коректна кампања, не успеа да го ефектуира незадоволството кај етничките Албанци од политиките што им ги сервира нивниот претставник на „Илинденска“. За него гласаа околу 80.000 граѓани, што е помалку од 90.000, колку што ДУИ освои на минатите локални избори во 2017 година.
„Некој очекуваше повеќе од нив, а јас лично не бидејќи ја знам нивната сила на терен“, прокоментира потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, на прашањето дали очекувал поголема поддршка од коалициските партнери.


Како за пример, тој ја спомена Општина Чаир, каде што во 2016 година, СДСМ имаше над 8.000 гласа, а сега заедно со коалициските партнери имаат вкупно 8.000 гласа.
„Истото се случи и во Сарај, каде што имаме помалку гласови отколку во 2016 година. Истото се случи и во Студеничани и да не зборуваме за Општина Арачиново“, рече Зекири и дополнува дека граѓаните Албанци јасно демонстрирале дека е дојдено време од политичката сцена да се пензионира голем дел од политичката елита на Албанците во земјава.
„Но време е и за одговорност и на дел од функционери од нашата СДСМ“, призна вториот човек на „Бихаќска“.
Со исклучок на Дебар каде што одѕивот изнесуваше 40,70 проценти, но во оваа општина истовремено се одржуваа и локални избори, во ниту една општина каде што Албанците се мнозинство овој број не надмина 30 проценти. Па така, во Тетово одѕивот изнесува 28,36 отсто, во Гостивар 25,05 проценти, а во Чаир 29,13 проценти. Но во сиве овие места живеат и етнички Македонци.
За разлика од нив, во Општина Желино, која е населена исклучиво со етнички Албанци, излезеноста изнесува 16,66 проценти, во Боговиње – 17,93 отсто, во Студеничани – 19,52 отсто, а нешто подобра е во Општината Сарај каде што одѕивот е 20,77 проценти. Во Арачиново, на пример, каде што градоначалничката доаѓа од редовите на СДСМ, гласале само 2.300 гласачи од над 9.000 колку што се запишани на списокот. Интересно, таму победи Река, исто како и во Гостивар и Тетово, додека Пендаровски славеше во Чаир, Кичево и во Студеничани.
„Пораката од претседателските избори е дека Албанците не се ‘овци’ за да ги плашиш со ‘волкот’ ВМРО. Тие не се овци и немаат страв ниту од ВМРО ниту од СДСМ“, смета аналитичарот Роберт Несими.


Тој вели дека доколку соодносот меѓу албанските гласови за Река и за Пендаровски е 2:1, тогаш може да се заклучи дека ДУИ издејствувала околу 40.000 гласа за својот коалициски партнер, но, сепак, таа бројка не може да биде индикатор дали паѓа поддршката на Албанците кон партијата на Али Ахмети или дека Алијансата и Беса би победиле на парламентарни избори.
Обичните Албанци детектираат четири причини за ниската излезеност: разочараноста од политичките елити, иселувањето во странство, подигањето на свеста со што веќе не можат да бидат натерани со сила да излезат на гласање и немотивираноста бидејќи е јасно дека кандидат Албанец не може да се надева на втор круг, камоли на победа. Од тие причини, во дел од јавноста постои сомневање и за причините поради кои Блерим Река се вклучи во претседателската трка. 
„Овие 80 илјади гласа ја делегитимираат политиката на албанските партии кои се во власта и покажаа со кого и за кого е народот. Тоа најавува политичка пролет во Македонија која ќе се цементира во идните предвремени парламентарни избори“, потенцира Река употребувајќи слична реторика како опозиционерите во македонскиот политички блок.
„Ми беше чест да учествувам на претседателските избори заедно со колегата Блерим Река. Дискусиите што ги имавме, и по прашања за кои се сложувавме, како и за оние за кои не се сложувавме, беа на високо ниво и го подигнаа квалитетот на дебатата. Му честитам на освоените гласови и искрено жалам што не влезе во вториот круг“, истакна вчера Силјановска обидувајќи се да добие поддршка од гласачите на Река.
„Нема шанси ниту еден глас за Река да се пресели кај Силјановска“, сигурен е Артан Груби од ДУИ, негирајќи дека слабата излезеност ќе значи шанса плус за пазарење во пресрет на вториот изборен круг. 

Горан Адамовски