СДСМ поддржува отворени листи за парламентарните избори


Поддржуваме отворени листи, конечно граѓаните да ги изберат најдобрите кандидати, изјави денес лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„За една изборна единица ние го кажавме нашиот став, ние сме, да седнеме и да разговараме да се смени тој изборен модел, да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Затоа што различни се аспектите, мислењата, на помалите и на поголемите партии кога станува збор за една изборна единица“, рече тој.

Филипче додаде дека помалите партии имаат легитимни аргументи коишто секако дека треба да се слушнат на маса.

„Посебно што сметам дека е добро и за што сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени. И кочено да се гласа за секој еден на листата без разлика на кое место на листата е. Така ќе дадеме можност, вистински, квалитетни луѓе да бидат препознаени од граѓаните и ќе влезат на соодветните места. Тоа ќе биде нешто што ќе го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.

Во однос на електронскиот попис што го најави премиерот Христијан Мицкоски, Филипче оцени дека постојат насоки од ОН како се прави попис и дека тие важат за сите земји во светот, не само во Европа.

„Ако на луѓето не им се даде можност да се регистрираат како нерезиденти, а не се резиденти, односно се смета дека се нерезиденти затоа што живеат во друга земја, ако живеат повеќе од една година и тоа важи како критериум во цел свет, тогаш тие ќе направат се да се регистрираат тука поради тоа што не сакаат да си ги скратат своите права. И тоа е зошто има резиденти и нерезиденти. Нерезидентите се дел од пописот од земјите каде што живеат повеќе од една година. Меѓутоа што е проблемот и предизвикот со електронскиот попис?

Прво, многу луѓе имаат лични карти коишто се водат на друга дреса, имаат повеќе имот и голем е тој процент, над 25-26%. Значи дека првиот предизвик на електронскиот попис е дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема да бидат луѓето регистрирани вистински каде што живеат туку само по личната карта е во многу случаи на друго место. И, втората работа што е предизвик за електронскиот попис, ја нема националноста во ниту една електронска база. Тие тие две работи сметам дека се сериозен предизвик кога станува збор за тоа дали да се прави или не електронски попис“, порача Филипче.

Тој зборуваше и за Планот за раст на ЕУ и оцени дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажала ниту волја, ниту капацитет да ја реализира реформската агенда.

Рокот се проби – 43 милиони евра од Планот за раст пари наменети за реформи останаа неискористени. Не го ставија во функција ниту авансот од 52 милиони евра од Планот раст. Нула реформи, закони или проекти имаат министерствата за економија, правда и енергетика. Единствено Министерството за дигитализација има реализација, но и тоа благодарение на реформите подготвени уште во време на Владата на СДСМ. Јасно е дека со ВМРО-ДПМНЕ нема да има реформи. Очигледно е дека поважни им се скапите кредити, отколку бесплатна европска поддршка за реформите што им се потребни на граѓаните. Планот за раст на ЕУ е можност за позитивни промени и подобар живот во нашата земја. Овие средства беа наменети за реформи што треба да ја подобрат секојдневната реалност на граѓаните“, порача лидерот на СДСМ: