СДСМ пак бара оставка на Мицкоски поради плацевите на Груевски


 
И во денешното соопштение владејачката СДСМ бара Христијан Мицкоски да поднесе оставка, откако пресудите за случајот „Плацеви на Водно“ уште еднаш потврдиле дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија.
 
„Во предметот ‘Плацеви на Водно’, избеганиот Никола Груевски практично ја ограбил и ВМРО-ДПМНЕ. Парите ги перел со ‘Белизе шеми’ и други криминални начини за да купи плацеви од 11 илјади метри квадратни за себе на Водно. Шефот на Мицкоски, избеганиот криминалец Никола Груевски, е осуден на 7 години затвор, незаконски стеканиот имот му е конфискуван.
А Мицкоски, кој во периодот кога се правеле криминалите со плацевите на Водно бил советник на Груевски, а потоа и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, молчи.
Ниту Мицкоски, ниту неговата партија не се оградија од криминалот, не им се извинија на граѓаните, не побараа одговорност“, велат од СДСМ.
 
После сето ова, велат социјалдемократите, Христијан Мицкоски требало да си поднесе оставка.
 

ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно зборува за формирањето на бугарскиот клуб во Битола и обвини дека премиерот Димитар Ковачевски знаел и го дозволил неговото формирање. „Тој пет дена молчеше во надеж дека ќе стивнат реакциите на јавноста. Откако владата виде дека народот нема да дозволи фашизам Ковачевски излезе да изглуми загриженост во однапред снимено видео.

Наместо да глуми загриженост Ковачевски треба да побара писмени гаранции за македонскиот идентитет, јазик и историја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.