СДСМ отсега ќе бира лидер на непосредни внатрепартиски избори


Фото: Б. Грданоски

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, најави денес дека во април 2021 година, кога ќе истече неговиот мандат, лидерот на СДСМ ќе биде избран за првпат на непосредно внатрепартиско гласање од сите членови. Статутот ќе биде сменет на отчетниот конгрес на партијата што ќе се случи на крајот на септември или почеток на октомври и ќе се воведе оваа новина.

Тоа треба да биде клучен чекор во внатрешна демократизација на партијата и нешто што со години го бара меѓународниот фактор од партиите во земјата, кои надвор па и дома беа гледани како „султан партии“ чии лидери ги избираат внатрешните органи.

Премиерот исто така најави дека ќе се смени и Деловникот за работа на Владата на оваа или на идната седница.

„Имаме воспоставено систем на прв заменик-претседател на Владата или прв вицепремиер и уште тројца вицепремиери. Затоа, треба да направиме точно разграничување, дека во отсуство на премиерот го заменува првиот заменик потпретседател на Владата. Како што знаете, четирите заменици ќе бидат одговорни за одредени области и соодветните комисии на Владата ќе ги водат токму тие. Комисијата за политички систем систем ќе ја води Артан Груби,  за човечки ресурси и одржлив развој ќе ја води Љупчо Николовски, а третата комисија за економски систем ќе ја води потпретседателот на Владата Фатмир Битиќи задолжен за економски прашања, а Деловникот ќе ги дефинира редоследите за замена. Службите работат на Деловникот и веројатно ќе биде сменет на следната седница на Владата“, соопшти Заев.

Тој нагласи дека Љупчо Николовски не презел одговорност за ресор бидејќи е генерален секретар на СДСМ, практично потврдувајќи дека тој  ќе остане на таа функција додека не му истече мандатот во мај идната година. Во рамките на отчетниот конгрес на СДСМ што го најави Заев, ќе биде сменет Статутот на партијата и во тој дел за да се дозволи Николовски да учествува и во извршната власт.

Заев беше многу понеодреден за политичката иднина на неговиот сопартиец и како што нагласи близок пријател и советник, Зоран Верушевски. Тој потсети дека сѐ уште не се именувани неговите советници и дека штом ја донесе одлуката ќе соопшти, но во текот на кампањата едно од неговите ветувања беше намалување и на бројот на советници. (С.Ј.)