СДСМ откри трет дилер на дрога во друштво на Мицкоски


 

Откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се напаѓаат под чија партиска заштита бил Љупчо Палевски, се разгореа обвинувањата која партија е поблиска до криминалното подземје во земјава. Денес СДСМ објави две фотографии на кое се гледа лице сликано со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за кое тврдат дека е дилер со дрога, и тоа трет откако почнаа меѓусебно да се препукуваат на оваа тема. 

„Христијан Мицкоски е во друштво со дилер на дрога и оружје од Струга, приведен на 24.11.2023, како дел од организирана криминална група, која се занимавала со недозволена трговија со дрога и оружје. ДПМНЕ стана гнездо на подземје и криминал со дрога. 
Од политичка партија, прерасна во расад на криминални групи и гнездо на конзументи на дрога. Со дрога беше фатен и истакна член на ДПМНЕ, соработник на Мицкоски од Пештани.
 
Мицкоски го гледаме во друштво како седи на иста маса со лице од Грчец уапсен за трговија со 32 килограми дрога, вредна 120.000 евра. Мицкоски е опкружен со радикали, лица фатени со кокаин, лица што се бават со недозволена трговија со дрога и оружје“, објавија од СДСМ.
 

 

Откако во текот на викендот беше фатен негов близок соработник од месен комитет на партијата во Пештани како шмрка кокаин, во јавноста излегоа фотографии и сведоштва и за други лица кои се појавуваат покрај Мицкоски, а се замешани со трговија со дрога. На 3 декември беше уапсен М.А. во Гостивар, кога полицијата спречи шверц на 32 килограми марихуана, а токму тој е близок со лидерот на опозицијата. На социјалните мрежи постојат фотографии од заеднички дружби на Мицкоски и М.А., човек кој е дел од меѓународен синџир на трговија со дрога.

Покрај првиот човек од месниот комитет во Пештани, кој беше фатен со кокаин и М.А. кој беше како шверцуван дрога, близок со Мицкоски, а уапсен за недозволена трговија со дрога и оружје е и Д.С., кого полицијата го уапси во Струга во рамки на поглема акција во ноември. Во тој случај кривично беа пријавени 23 лица, а при лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети.

Лицето Д.С. кое беше уапсено во оваа акција на полицијата, може да се забележи како се фотографира со Мицкоски, а беше и учесник на насилниот упад во Собранието на 27 април. Тој е поранешен член на Единицата за брзо распоредување во МВР, од каде што бил разрешен.