СДСМ: Орце Ѓорѓиевски нема ништо реализирано во Кисела Вода, така ќе биде и со Скопје


Опозициската СДСМ денеска во реакција по предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градоначалник на Скопје, изјави дека „освен секојдневно фотографирање и лажен ПР, Орце Ѓорѓиевски нема ништо реализирано во Кисела Вода“.

„Од неговата програма има реализирано само 20%, со што е убедливо најлошиот градоначалник во Скопје. Доколку Ѓорѓиевски биде избран за градоначалник на Скопје, истата судбина го очекува и градот: лажен ПР, сликање и измислени проекти — исто како неговиот ментор Мицкоски“, велат од СДСМ, посочувајќи на нехигиената во општината, урбанистички хаос и негрижа…

„Ѓорѓиевски, наместо да ги решава проблемите, целиот мандат го помина во расправии со Арсовска, која најсилно ја промовираше во изборната кампања пред четири години“, се вели во реакцијата.

Од СДСМ исто така го прашуваат градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје: до каде се ветувањата што самиот им ги даде на граѓаните, како на пример, релокацијата на Центарот за зависници и паркот што требаше да никне на тоа место, каде се ветените мегапаркови, катните гаражи, каде се реновираните улици во Црниче, Бабин Дол, Припор, Кисела Вода и другите населби и тн.

„Граѓаните се уморни од празни зборови и сакаат одговори и резултати. Овие прашања се само дел од ветувањата што останаа на хартија, а реалноста ја гледаме секој ден: запоставени населби, загаден воздух и урбан хаос“, се вели во реакцијата на СДСМ.