СДСМ одбележа 25 години од Форумот на жени: Има уште многу стереотипи
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/СДСМ-форум-на-жени.jpg)
Ние се соочуваме со многу стереотипи и предрасуди во општеството, во државата, но и во поширок контекст во регионот, поради тоа што родовото прашање често се доведува до прашање на доминација. Тоа е погрешно и на тоа треба да се работи, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната партиска трибина по повод 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.
Како што соопштија од СДСМ, Филипче смета дека во овој контекст, женското лидерство е клучно прашање, бидејќи со самото лидерство може да се смени перцепцијата за доминација, додаде тој.
„Затоа СДСМ и посебно Форумот на жени има исклучително важна улога“, кажа Филипче на форумот на тема „СДСМ со силно женско лидерство“.
Тој при тоа ги потенцираше реализираните политики и проекти во изминатиот период и најави нови во духот на прогресивната социјалдемократија.
„СДСМ многу направи за да ја препознае вистинската улога на жената како лидер во општеството. Исполни голем број на ветувања, што значи признавање на улогата на жената во општеството и материјализирање. Ќе го издвојам Законот за абортус којшто го работевме со пратеничките во изминатите состави, којшто на прво место ја постави волјата на жената и што да прави со своето тело. Ќе ве потсетам како беше во минатото, решаваа за жената некои комисии. Вербата во идејата е важна и ние ќе продолжиме да ја унапредуваме и да ја имплементираме преку нови политики, заедно со Форумот на жени, во следниот период“, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче, стои во соопштението.
Заменик претседателката на партијата Фани Каранфилова-Пановска, на трибината истакна дека жените се столбот и силата на СДСМ, и оти социјалдемократската идеја е единствената којашто нуди пристојни услови за развој и напредок на жените, а, вели, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ била власт жените биле во ризик.
„Денеска само после осум месеци на власт, власта на ВМРО-ДПМНЕ ги покажува истите тие карактеристики. Власта на ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за основното, за социјалната и економската сигурност на сите граѓани, а пред сѐ на жените. Сите гледаме како со растот на цените, особено на основните прехранбени производи нашиот животен стандард е ничкосан. Сите гледаме како со тоа што се случува во Собранието, со поднесениот сет на закони од делот на образованието ВМРО-ДПМНЕ сака да ја загрози онаа околина во којашто се образуваат нашите деца“, посочи Каранфилова-Пановска.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева, при обраќањето на трибината се осврна на дел од достигнувањата во изминатите 25 години.